1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Зголемен бројот на македонски баратели на азил во Германија

ЕМФ/бамф/бми10 јануари 2014

Во 2013. година е забележан најголем број на баратели на азил во Германија во последните 14 години. Бројот на македонски граѓани кои барале азил е зголемен за цели 36,6% во однос на 2012-та.

https://p.dw.com/p/1AoeO
Фотографија: Silvera Padori-Klenke

Азил во Германија, во текот на 2013. година, првпат побарале 109.580 лица, или дури 69,8% повеќе од годината претходно, кога биле поднесени 64.539 барања. Најмногу барања има од лица од Руската федерација -14.887, а потоа следуваат Сиријци (11.851), Срби (11.459), Авганистанци (7.735), Македонци (6.208) и Иранци (4.424). Процентуално најголем скок од 453,6% е забележан кај граѓаните на Еритреја, кои поднесле 3.616 барања за азил.

Статистичките податоци за лицата од Македонија зборуваат дека во последниот квартал (октомври-декември) од 2013. година нивниот број се намалувал, и тоа од 999 баратели во октомври, преку 932 баратели во ноември до 570 во декември. Меѓутоа, податоците за целата 2013-та покажуваат дека бројот на барања за азил се зголемил и тоа од 4.546 во 2012-тата на 6.208 во 2013. година. Тоа значи зголемување од цели 36,6%. Притоа, сите барања се отфрлени како неосновани.

15.11.2012 DW Deutschland heute Asyl
Само околу 14% од барателите на азил добиле позитивен одговор од германските власти

Кратење на постапката на проверка на барањата

Во изминатата година било одлучено по вкупно 80.978 барања за азил, или донесени се 31% повеќе одлуки во споредба со 2012-та. „И покрај многу зголемениот број на барања за азил, Сојузната служба за миграција и бегалци се труди да ги обработува барањата најбрзо што е можно“, уверува претседателот на службата, д-р Манфред Шмит. Притоа, на 10.915 лица им е признат статус на бегалци (13,5%). Во случаите на 9.213 лица е одлучено дека не смеат да бидат протерани поради тоа што во татковината им се заканува смртна казна, измачување и друг вид нечовечко однесување и третман, казнување или пак им е загрозен животот и личната слобода.

Германскиот министер за внатрешни работи Томас де Мезие денеска (10.01) најави дека постапката на проверка на основаноста на барањата за азил ќе биде скратена најмногу што е можно: „Потребно е побрзо да биде расчистено кој навистина има потреба да биде заштитен, а кој не, дотолку повеќе што само околу 14% од барањата се признати“, вели Де Мезие. Тој потсетува дека германските покраини и општини имале проблеми за да ги сместат сите баратели на азил како што треба. Колкав е проблемот може да се заклучи ако се знае дека во 2013. година во Германија дошле повеќе баратели на азил отколку вкупно во периодот од 2006. до 2009. година. Сепак, како што нагласува министерот Де Мезие, „Германија целосно ќе ги исполнува своите хуманитарни обврски и во иднина“.