1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Зелената економија на конференција во Бон

16 ноември 2011

На Земјата во 2030-та ќе живеат повеќе од 8 милијарди луѓе. Расте потребата за вода, енергија и животни намирници. Но, ресурсите се ограничени. Некои од решенијата можеби ќе се понудат на конференцијата „Нексус“ во Бон.

https://p.dw.com/p/13BI1
Конференцијата „Нексус“ во Бон можеби ќе понуди решенија за светските предизвици со енергијата, водата и хранатаФотографија: Deutsche Messe AG

Германската влада очекува во Бон да се случат некои поместувања во глобалниот дијалог за промените во одржливата економија. Фокусот на основните потреби – снабдувањето со вода, храна и енергија, јасно покажува дека разбирањето на интеракциите меѓу трите сектори е одлучувачки за настанувањето на глобалната, зелена економија. Ахим Штајнер, шеф на Програмата на ОН за животна средина (УНЕП) се радува на германската иницијатива.

„Канцеларката Меркел најави многу амбициозна агенда за Рио и Германија ја гледа како еден од главните актери. Мислам дека Германија одамна виде оти поттикнувањето на одржливиот развој е и во нејзин сопствен интерес“, оценува Штајнер.

Flash-Galerie Grüne Gentechnik
Германија одамна увиде дека поттикнувањето на одржливиот развој е и во нејзин интересФотографија: picture-alliance/dpa

Германија за пример

Германија како домаќин на таа конференција е најдобро опремена. Сојузната влада буди внимание ширум светот со најавата за напуштање на користењето на атомската енергија по катастрофата во Фукушима. Менаџментот со вода во Германија со децении важи за пример, а Германија многу инвестира и во истражувањето и развојот на меѓународното земјоделство. Германија на многу полиња веќе покажа дека е на пат кон трајно производство, истакнува Ахим Штанер.

„Пред десет години стручњаците би се смееле кога некој би рекол дека втората по големина извозна економија на светот не само конкурентна, туку и економски ги претркала сите други држави во Европа, иако петтина од електричната енергија ја добивала од обновливите извори на енергија. Сега Германија оди понатаму, со покренување на една од најамбициозните програми за промени во индустријата и економијата и со окончувањето на ерата на атомската енергија“, додава Штанер.

Промени во енергетскиот свет

Дел од амбициозната програма се и обновливите извори на енергија, но и чувањето на ресурсите, мерките за штедење на енергијата и енергетската ефикасност. Само во зградите може, меѓу останатото, по пат на топлотна изолација да се заштеди и 80 проценти енергија. Дирк Меснер, директор на Германскиот институт за развојна политика во Бон вели: „Ќе спроведеме промени во новиот енергетски свет, со ниски трошоци, само ако истовремено силно ја зајакнуваме енергетската ефикасност. Занчи, не треба само секогаш да се произведува вишок енергија, туку треба да се постигне истата благосостојба со се’ помалку енергија“.

Во еден извештај од почетокот на годината, научниците пресметале дека техничките и економски промени во светот се можни. „Денеска имаме енергетска економија ширум светот која се состои 85 проценти од фосилни носители на енергија и 15 проценти од нефосилни носители. Во тие 15 проценти спаѓа и нуклеарната енергија. До 2050-та потребно ни е снабдување со енергија ширум светот која може да се состои уште само од 15 проценти фосилни горива, гас и околу 85 проценти од нефосилни, обновливи извори на енергија“, вели Дирк Меснер.

На конференцијата во Бон германската влада сака пред се’ да нагласи дека зеленото производство е можно на глобално ниво. Исто така е неопходна општа промена на односот кон сировините, за да би можело да се прехрани растечката светска популација во 21-от век.

Автор: Хеле Јепесен/ Александар Методијев

Редактор: Александра Трајковска