1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Зелено светло за хомо - браковите во Франција

ЖА/дв/афп/дпа/ард18 мај 2013

Хомосексуалците во Франција отсега можат и официјално да склучат брак и да посвојат деца. Францускиот претседател Франсоа Оланд го потпиша спорниот закон, но противниците не се откажуваат.

https://p.dw.com/p/18aI4
Фотографија: Reuters

Францускиот претседател Франсоа Оланд го потпиша Законот за хомосексуални бракови, што беше објавен во Службен весник. Уставниот совет вчера целосно ја потврди уставноста на законот, по четирите долги месеци на парламентарни битки и демонстрации. Со ставањето потпис на законот, претседателот Франсоа Оланд исполнува едно од неговите централни предизборни ветувања. Франција е 14. држава во светот која воведува право на хомосексуални бракови. Прва „мразот“ го скрши Холандија во 2001 година.

Спорот околу истополовите бракови минатите месеци длабоко го подели француското општество. Конзервативната опозиција и католичката црква високо го дигнаа гласот, на протестните демонстрации учествуваа десетици илјади луѓе. Противниците на законот и сега, по неговото донесување, повторно најавуваат протестни акции, голема демонстрација е планирана за 26. мај.

Според анкета спроведена во ЕУ, две третини од лезбејките, хомосексуалците, бисексуалните и трансексуалците и сега не се осмелуваат јавно да ја искажат својата сексуална ориенртација. Стравот, изолацијата и дискриминацијата се секојдневни феномени, истакнува директорот на Агенцијата на ЕУ за основни права, Мортен Кјаерум, во извештајот објавен вчера по повод Меѓународниот ден против хомофобијата и трансфобијата.