1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Земјата на душата“ меѓу чеканот и наковалната

Гунар Кене2 септември 2008

Каков е односот на Абхазијците и Грузијците? И, зошто Абхазијците во Русите гледаат свои заштитници?

https://p.dw.com/p/F94I
Знамето на АбхазијаФотографија: AP Graphics

Абхазија на јазикот на нејзините жители значи - „земја на душата“. Идилично парче на црноморскиот брег. Зеленило до каде што стигнува погледот, потхрането со влажна, речиси суптропска клима. На една страна - морето, на друга страна - величенствениот Кавкаски планински венец.

Во изминатите три века Абхазија била окупирана од Турците, Русите и Грузијците. Во времето на Советскиот сојуз, земјата била наречена „црвена ривиера“. Сите шефови на држави во Москва, од Сталин до Горбачов, таму поседуваа свои викендички.

Денес, на некогашниот раскош потсетува малку нешто

Грузиските трупи во август 1992 година вмаршираа во Абхазија. Грузија сакаше да ја скрши желбата на Абхазијците за независност. Тие се спротивставуваа фанатички, поддржани од војници-платеници од други кавкаски републики, како и од Турција. На двете страни имаше убиства и грабежи. По една година, Грузијците поразени мораа да се повлечат. Во бруталната граѓанска војна животите ги загубија повеќе илјади луѓе на двете страни.

Karte Kaukasus Georgien mit den Teilrepubliken Abchasien und Südossetien russisch

Абхазија потоа прогласи независност од Грузија. Како реакција на тоа, земјата се соочи со меѓународна блокада. Никој не смееше да излезе. И Русите ги држеа границите затворени и само на мал број луѓе им дозволуваа да патуваат за Москва. Сепак, Абхазија иташе на патот кон независност. Земјата усвои свој устав, закони, химна, знаме, и сега земјата е призната од својот моќен сосед - Русија.

Абхазија го бара тоа што го доби Косово

Абхазискиот министер за надворешни работи, Сергеј Шамба, вели дека неговата земја го бара она што го доби и Косово - независност. Абхазија, според него, меѓународно-правно не е дел од Грузија: „По војната бевме на прагот да постигнеме со Грузијците согласност за конфедерација. Грузиската страна, тогаш, играше на време. Во 1999 година спроведовме референдум, каде мнозинството Абхазијци се изјасни за државна независност. Оттогаш, со Грузијците можеме да преговараме само на ниво на две суверени држави.“

Во Абхазија веќе 15 години се стационирани мировни сили на Заедницата на независни држави, кои се состојат исклучиво од руски војници. Абхазијците, како што е пензионираната учителка Мира Иналипа, која загубила еден син во т.н. војна за независност, во Русите гледаат заштитници, особено по најновиот напад на Грузија во Јужна Осетија. За нејзе, враќањето на 200 илјади Грузијци, кои по војната морале да избегаат од Абхазија, е незамисливо: „Се‘ додека живее генерацијата која ја доживеа оваа војна, нема да има помирување. Загубите на абхазиска страна беа многу поголеми отколку тие на руската страна. Тоа е неспоредливо.“

Sicherheitskräfte in Abchasien
Припадници на абхазиските безбедносни силиФотографија: AP

„Грузија сака да не‘ направи малцинство, а Русија - протекторат“

Од април годинава, Москва го укина еднострано ембаргото врз Абхазија. Оттогаш, иневститори од Русија активно учествуваат во обновата на Абхазија. Наредната година треба да се слеат руски инвестиции во износ од 350 милиони долари. Во 2014 година во црноморскиот град Сочи ќе се одржат Зимските олимписки игри. Сочи е на само половина час возење од абхазиската граница. Олимпиското село би требало да се изгради со градежни материјали и стручњаци од Абхазија. Новинарката Изида Ханиа, вели дека зад рускиот ангажман во нејзината земја не стои сочувството со народот кој нема држава, туку големите интереси. Таа Абхазија ја гледа како земја меѓу чеканот и наковалната. Грузијците сакаат да ги направат малцинство, а Русите - протекторат. Вината ја гледа на запад: „За жал, поради бојкотот по војната, меѓународната заедница не‘ втурна во рацете на Русија. Само Русите ни‘ помогнаа и не ни‘ остана дург избор освен Русија. Последица е што ние, независните абхазиски медиуми имаме големи тешкотии да се пробиеме покрај големите руски васници или телевизии, кои владеат со овдешното секојдневие.“

Kaukasus Konflikt August 2008
Руски војници во абхазиското село Курха, во август 2008-маФотографија: AP

Шансата за помирување меѓу Грузијците и Абхазијците, во моментов е мала. Абхазиската влада верува дека наскоро ќе биде доволно силна за да прекине секаква врска со Грузија.