1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Земјите од АСЕАН сакаат реформа на финансискиот систем

Бернд Муш Боровска1 март 2009

Земјите од Југоисточна Азија, на самитот во градот Чаам во Тајланд се договорија да ја надминат економската криза без примена на протекционизмот. Индустриските и земјите во развој се повикуваат на усогласени чекори.

https://p.dw.com/p/H3X0
Од самитот во ТајландФотографија: picture-alliance/ dpa

Земјите членки на АСЕАН, на самитот во Тајланд, прв по стапувањето во сила на неговата повелба разговараа за повеќе теми. Тие сакаат да преземат заеднички решителни чекори против радикалните групи и тероризмот во регионот. Во овој регион се активни повеќе терористички организации, меѓу кои и „Џемаја Исламија“, која е одговорна за бомбашките напади на Бали во 2002 и 2005 година. Меѓутоа како главна тема на расправа на тридневната средба разбирливо се наметна финансиската и економската криза и последиците врз земјите од овој регион. Премиерот на Тајланд, Абхисит Веџајива изјави дека земјите од АСЕАН мора да бидат во состојба да одговорат брзо и ефективно на предизвиците како, негативните влијанија од глобалната финансика криза и промените на климата, заканите од недостиг на прехранбени производи и енергетско снабдување, природните катастрофи и епидемиите кои ги загрозуваат луѓето во нашите земји, како и криминалот, тероризмот и трговијата со дрога.

Заеднички чекори против кризата

Земјите членки на АСЕАН сакаат да и се спротивстават на финансиската и економската криза со координирана и антициклична фискална и монетарна политика. Лидерите се согласни дека треба да се одбегнува протекционизмот и да не се создаваат трговски бариери. Заменик министерот за трговија на Тајланд, Алонгкорн Понлабут изјави дека од самитот бил испратен јасен сигнал против протекционизмот. Земјите од АСЕАН според него се надеваат дека ќе бидат преземени исти чекори и во другите региони. Понлабут притоа нагласи дека притоа своите позиции мора да ги ревидираат и западните земји.

Themenbild Asien Baustelle Schanghai China ASEAN
Кризата загрози многу работни местаФотографија: AP

Почитување на човекови права

Дискусијата на шефовите на држави и влади со активистите од организациите за човекови права, беше засенета со одбивањето на премиерите на Бурма и Камбоџа да им дозволат учество на претставници од нивните земји. Деби Стодарт од бурманската организација за човекови права во егзил „Алтасеан“ во својата реакција нагласи: „ Кога овие две влади не можат да поднесат да се најдат во иста просторија со претставници на цивилното општество од нивните земји, тогаш тоа јасно покажува како тие се однесуваат кон сопствениот народ“. Институтот за човекови права кој е предвиден со повелбата на АСЕАН, треба да започне со работа во текот на годинава. Меѓутоа мешање во можните случаи на повреди на човековите права во некои од земјите членки ќе биде дозволено само доколку на тоа се согласат властите на погодената земја.