1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Земјите од ЕУ ги повлекуваат амбасадорите од Белорусија

29 февруари 2012

Земјите-членки на ЕУ ги повлекуваат своите амбасадори од Белорусија во одговор на протерувањето од Минск на претставникот на ЕУ и амбасадор на Полска, објави шефицата на европската дипломатија, Кетрин Ештон.

https://p.dw.com/p/14Brt
Александар ЛукашенкоФотографија: picture alliance/dpa

„Во знак на солидарност и единство се согласивме сите амбасадори на земјите-членки на ЕУ во Минск да бидат повикани на консултации во националните престолнини“, се наведува во соопштението на Ештон што го цитира РИА Новости.

Според шефицата на дипломатија на ЕУ, таа го повлекла во Брисел шефот на мисијата на ЕУ во Минск и ќе одржи итен состанок во белгискиот главен град со постојаните претставници на 27-те земји членки на Унијата.

„Ние ќе продолжиме внимателно да ја следиме ситуацијата“, се додава во писмената изјава на Кетрин Ештон.

Minsk Oktoberplatz
Фотографија: picture alliance/ZB

Портпаролот на министерството за надворешни работи на Белорусија, Андреј Савињих вчера изјави и дека Белорусија го повлече својот постојан претставник во Европската унија и амбасадор во Полска, како одговор на проширувањето на санкциите на ЕУ спрема Минск.

Покрај тоа, на шефот на белоруската мисија на ЕУ во Белорусија и на амбасадорот на Полска им било предложено „да отпатуваат во својот главен град, за на раководството да им ги пренесеат цврстите позиции на белоруската страна за неприфатливоста на притисоците и санкциите“, изјави Савињих. Не е јасно дали нивното протерување е привремено или конечно.

Претседателот на Европскиот парламент, Мартин Шулц, изјави дека одлуката на Белорусија да се протера амбасадорот на Полска и шефот на претставништвото на Европската унија е „непријателски чин“.

Германскиот министер за надворешни работи Гидо Вестервеле исто така го осуди потегот на Белорусија, што го оцени како „акт против Полска, против ЕУ но и против Германија“. Со Лукашенко Белорусија се‘ повеќе се оддалечува од демократијата и владеењето на правото, истакна Вестервеле.

Belarus Proteste in Minsk
Протести против власта во БелорусијаФотографија: picture-alliance/dpa

Причината за политичката криза се санкциите кои ЕУ ги воведе против авторитарниот режим на белорускиот претседател Александар Лукашенко.

Земјите на ЕУ се согласија во понеделникот да се прошири „црната листа“ на претставници на Белорусија, кои се предмет на „рестриктивните мерки“.

Станува збор за фунционери на полицијата и судовите, кои се сметаат за одговорни за апсења и осудување на противниците на режимот. Санкциите вклучуваат замрзнување на нивните средства и забрана за влез во Унијата.

Автор: ЖА/СН/дпа/макфакс

Редактор: Симе Недевски