1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

201210 Winter Wirtschaft Deutschland

22 декември 2010

Снежниот хаос им предизвика големи проблеми на германските претпријатија. Во моментов единствени добитници од снежното невреме се производителите на сол за посипување на патиштата.

https://p.dw.com/p/QhKj
Фотографија: dapd

Во погоните на „Форд“ во Келн дојде до прекин на производството на автомобили, оти од соседните земји не можеа да бидат испорачани неопходните делови. Дури ни трговците на мало од областа на опрема за зимски спортови не можат да му се израдуваат до крај на снегот, оти многу потенцијални муштерии поради временските услови го одложија шопингот за подоцна. Во моментов единствени добитници од снежното невреме се производителите на сол за посипување на патиштата.

Последниве денови значителен скок на берзата забележаа акциите на претпријатието „К и С“ (ка и ес) - тоа ја произведува во моментов толку бараната сол за посипување на патиштата. Но, за останатиот дел од стопанството острата зима претставува сериозен проблем, вели Хајко Штипелман од Главното здружение на германската градежна индустрија.

„Производството во германското градежништво е замрено. Особено се погодени ниската градба, реконструкцијата на патиштата, но и високата градба. Годинава сме веќе по втор пат погодени - и првите три месеци пропаднаа поради зимски хаос. Ако се повтори во наредниов период тешко дека ќе можеме да прикажеме некаков позитивен биланс“.

Далекусежни последици

Во моментов не се парализирани само градежните проекти. Поради силните снежни врнежи се одложени многу службени патувања, а ресторантите и продавниците се тешко достапни за муштериите. Снежниот хаос има далекусежни последици, укажува Фолкер Трајер, главен економист на Германската индустриска и трговска комора.

„Острата и предвремена зима го забавува стопанскиот пораст на крајот од годинава. Ние веќе минатата година видовме дека лута и долга зима може за половина процентен поен да го намали порастот во еден квартал. Во слична насока оди и ова, што сега го доживуваме“.

Трајер меѓутоа нагласува дека острата зима сепак не може да го запре германскиот стопански подем.

NO FLASH Schnechaos Deutschland Autobahn
Фотографија: dapd

И во погоните на „Форд“ во Келн брзо го надминаа прекинот на производството предизвикан од невремето. Накратко производните ленти застанаа, но производството сега се одвива нормално.

„Во нашата фабрика во Келн, каде се произведуваат моделите ’фиеста‘ и ’фужн‘ имавме проблеми со испораката на уредите за греење, кои доаѓаат од една фабрика од северот на Франција. Таа земја и Белгија тогаш целосно го забранија сообраќајот за камиони со тежина од над седумипол тони, па испораките на неопходните делови стигнаа со задоцнување“, објаснува Бернд Мајер, портпарол на „Форд“ во Келн.

И во фабриката на „Опел“ во Бохум на некои места деловите за автомобилите беа прикрај, но производството сепак се одвиваше според планот.

Дали ќе стигнат навреме божиќните подароци?

На автопатиштата прекриени со снег многу камиони-цистерни не можеа да се пробијат, па во кекои делови на Германија изостана дотурот на гориво. Концернот „Есо“ извести дека на 20 бензински пумпи веќе нема гориво. Проблеми имаше и конкурентот „Шел“, од чии рафинерии не можеа да тргнат камионите-цистерни поради лизгавите патишта.

Flash-Galerie Wochenrückblick KW 51 Schneechaos bremst die Wirtschaft
Фотографија: picture-alliance/ ZB

Снегот и мразот ја попречија и испораката на пакети за Божиќните празници. Кристине Хегер, претставничка на претпријатието „Амазон“, за Дојче веле изјави дека доставувањето на пратките може да се оддолжи за еден до два дена. Во логистичкиот концерн ДХЛ (де-ха-ел) се пооптимистички расположени.

„Ние сме од зимата исто толку погодени, колку и другите, но сметаме дека пакетите што ќе ги примиме до пладне на 22 декември, ќе можеме да ги испорачаме навреме за празникот“, истакна Клаус Кормахер, портпарол на ДХЛ во Бон.

Ќе биде возбудливо дали подароците вечерта на Бадник ќе се најдат под елките. За многу деца годинава особено пожелни се санки, скии и лизгалки. Претставниците на германското стопанство, пак, можат само да се надеваат дека такви подароци ќе можат да се употребат само на зимски одмор во Алпите, а не со месеци и во германските градови.

Автор: Александра Шерле/ Зоран Јордановски

Редактор: Жана Ацеска