1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Зимата - жртва на промената на климата

Соња Дајен/ превпд: Ж.А.27 декември 2015

Температурите ширум светот ги уриваат сите рекорди. Новогодишната идила се стопи пред нашите очи, додека светските политичари се караа околу климатските цели. А, можеа едноставно да дејствуваат, коментира Соња Дајен.

https://p.dw.com/p/1HUD5
Фотографија: Reuters/W. Rattay

Се сеќавам на својата прва зима во Германија. Беше студена, многу студена. Живеев во Лајпциг. Се зачудив кога во шумското подрачје, низ кое се возам со велосипед до градскиот центар, сретнав луѓе - на скии. И следната зима беше остра. Во меѓувреме живеам во Бон. Мојата лична долна граница за возење велосипед е нула степени. Бидејќи потекнувам од сончевата Аризона, ми требаше време за навикнување на студот. Без оглед на тоа, бев одушевена кога сивиот предел осамна под блескав снег. Една другарка сакаше санкање, па и јас купив санка на пазарот за половни производи. Но, снег веќе не паѓа. Веќе трета година снегот во Бон се топи за само неколку часа.

Оваа зима ги соборува сите температурни рекорди, таа е најтопла од почетокот на мерењата на температурите, претекнувајќи ја претходната зима. Можеби така ќе биде и идната година.

Температурите се мерат уште од периодот пред индустријализацијата, оттогаш глобалната температура порасна за еден степен.

Има и такви кои велат дека топлите зими, посебно во централна Европа, се вистински благослов. Помалку луѓе смрзнуваат на екстремно ниски температури, а земјоделците можат да го образботуваат земјиштето. Можеби наскоро ќе имаме лозја и во Скандинавија, па ќе уживаме во добрите северни вина.

Иако постои понекоја предност од глобалното загревање, кога ќе се погледне во целина, ситуацијата воопшто не е добра. Минатите години покажаа дека силните бури и поплави се последица на климатските промени, исто како и сушите и неподносливите горештини. Овие екстремни климатски феномени ги уништуваат еколошките системи, но и системите од кои зависиме сите ние: производството на храна, снабдувањето со вода и чистите океани. Глобалните климатски промени напредуваат и ние луѓето се‘ подиректно ќе ги чувствуваме последиците на овој огромен експеримент кој го вршиме на планетата Земја.

Sonya Angelica Diehn Environment Team Leader Teamchefin Umwelt
Соња ДајенФотографија: DW/M. Müller

Неодамна известував од Конференцијата за климата во Париз. Ситуацијата всушност беше неподносливо апсурдна. Како можат луѓето да преговараат за климата на планетата? Луѓето ширум светот се израдуваа на договорот за усвојување на целта - ограничување на глобалното загревање на најмногу 1,5 степени во однос на периодот пред индустријализацијата. Но, замислете, ако е ова што го доживуваме последица од загревањето на само едне степен, што ќе донесе уште дополнително половина степен загревање?

Не само што е апсурдно преговарање за климатските цели, туку е и арогантно. Ако глобалната заедница навистина сака да преземе одговорност, тогаш во овој момент мора да прекине согорувањето на фосилни енергенси.

Можеби некогаш ќе му раскажувам на својот внук дека некогаш вистински паѓаше снег. Можеби мојата загриженост е преуранета, можеби ќе доживееме и екстремни снежни бури. Можеби дури и среде лето. Можеби топењето на мразот на Гренланд ќе биде само вовед во ново ледено доба, како што некои прогнозираат. Додека не го дознаам тоа, мојата санка ќе остане во подрумот. А мене ќе ми недостига снежна зима.