1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Зимските центри напредуваат, скијањето стагнира

25 февруари 2012

На Попова Шапка е отворено 39-то издание на најстарата зимска спортска манифестација во РМ, Шарпланинскиот куп. Селекторот на македонската скијачка репрезентација Иван Лесевски зборува за можностите на белиот спорт.

https://p.dw.com/p/14A03
Фотографија: picture alliance/dpa

Зимските центри во Македонија се во најдобар можен елемент. Снег во изобилство, сончеви викенд-денови, скијалишта со максимална оптовареност. Вистински скијачки рај. Добар повод за разговор со селекторот на македонската скијачка репрезентација, Иван Лесевски. Тој се врати од Банско во Бугарија, кадешто беа трките од Светскиот куп.

„Бугарите се потрудија и направија фантастична манифестација. Од спортски аспект, патеката беше одлично подготвена, беше тврда и одлична за возење. На тоа се надоврзаа и добрите резултати.“

Ристевски на СК во Банско

Антонио Ристевски беше единствениот македонски натпреварувач. Неискуството, грешките и во велеслаломот и во слаломот го оневозможија да направи подобар пласман.

„Тоа беше прв велеслалом од светскиот куп, во кој учествувал некој Македонец. Слаломот беше 4-ти по ред во оваа сезона во Светскиот куп. Од настапот на Антонио Ристевски сум задоволен, бидејќи возењето му беше добро. За жал, во двата настапи направи грешки. Едноставно, во оваа година немавме можност да тренираме и да се подготвуваме на патека, каква што беше во Банско.“

Flash-Galerie Skigebiete in Deutschland
Фотографија: picture-alliance/dpa

Овој викенд следи нов натпреварувачки тест. Тоа е традиционалниот Шарпланински куп. За Лесевски тоа ќе е можност за поинакви резултатски очекувња.

„Тоа е натпревар многу важен за нас. Тоа е можност да се појавиме пред гледачите од Македонија. Шарпланинскиот куп е популарен и гледан натпревар. Се надеваме дека нашата репрезентација ќе се прикаже во добро светло.“

Клубовите во финансиски тешкотии

Според Лесевски, условите за тренинг и натпреварувања во македонските зимски центри стануваат се‘ подобри, за разлика од состојбите во скијачките клубови, кои се се‘ позагрижувачки.

„Како и во сите други спортови, така и во алпското скијање, квалитетот на клупско работење во Македонија опаѓа. Клупските можности опаѓаат, се‘ помала е масовноста. Тоа е одраз на се‘ помалите финански средства. Мора да се преземат одредени чекори. Ние, во Скијачката федерација веќе преземаме чекори да ги заживееме клубовите како што треба.“

Skifahrer
Фотографија: CC/E01

Кожуф е се‘ поактуелен. Нов зимски центар во однос на Попова Шапка, Маврово, Пелистер, Крушево, кој од ден на ден станува се‘ поголем скијачки хит. Но, само кога патот е прооден. Лесевски смета дека Кожуф има голем потенцијал.

„Јас лично верувам дека Кожуф има голем потенцијал. Кожуф е во подрачје каде што од сите страни е пристапен. Скопје е на 150 километри, Солун е на само 70 километри и тоа треба да се искористи. За жал овој центар не заживува како што треба. Имав можност деновиве да разговарам со извршниот директор на Центарот Кожуф, Ангел Наков, кој вели дека веке 36 дена во оваа сезона Кожуф е непристапен. Проблемите се со непристапниот пат, проблем кој лесно може да се надмине“, заклучува Иван Лесевски.

Скијањето само ја дели судбината на многу спортови во Македонија. Соочено со беспарица, но и недоволна грижа и натаму останува далеку од светските бели патеки.

Автор: Златко Калински

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска