1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Златна зора уценува со напуштање на Парламентот

ЖА/макфакс/миа27 септември 2013

Крајнодесничарската грчка партија Златна зора се закани дека ќе го напушти Парламентот. Овој чекор ќе доведе до серија избори и дестабилизирање на земјата, изјави нејзиниот лидер. Грчката влада отфрли таква можност.

https://p.dw.com/p/19pXz
Фотографија: picture-alliance/dpa

Заканата доаѓа откако минатата недела самопрогласен поддржувач на Златна зора уби рапер во Атина, што резултираше со истрага дали третата по големина партија во земјата е криминална организација.

Златна зора ги отфрла тврдењата за каква било поврзаност со убиството на раперот, а нејзиниот лидер Николаос Михалолиакос предупреди дека може да ги повлече пратениците од парламентот, доколку расправата со неговата партија не биде прекината.

„Ние не донесовме конечна одлука. Сите опции се отворени“, изјави тој за телевизијата Вергина ТВ.

Златна зора има 18 пратеници од вкупно 300 пратенички места во Парламентот. Доколку пратениците на Златна зора излезат од Парламентот ќе треба да бидат изгласани нивни заменици на специјални избори во секој регион што го претставуваат. Доколку на тие избори победи опозицијата, владејачката двопартиска коалиција ќе биде неодржлива, изјави Михалолиакос. Според него, Златна зора во рацете има оружје што може да предизвика политички потреси, а властите треба добро да го знаат тоа.

Грчка влада: Не постои ризик за парламентарни избори

Портпаролот на грчката лада Симос Кедикоглу меѓутоа изјави денеска дека исклучува можност за предвремени избори ако пратениците од Златна зора го напуштат парламентот. Според Кедикоглу, ќе бидат спроведени само делумни избори.

„Демократијата не може да биде изнудувана. Судството треба да го заврши тоа што го почна. Ако треба да има делумни избори тие ќе бидат во реони каде треба да се сменат парламентарците“, изјави тој за грчки медиуми.