1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Златна Мечка за Паоло и Виторио Тавиани

19 февруари 2012

„Цезар мора да умре“ е големиот победник на 62-то Берлинале. Награди добија и искусни филмаџии, но и една дебитантка - Рахел Мванза за ролјата во „Бунтовничка“. Балканската копродукција „Парада“ се закити со три одличја

https://p.dw.com/p/145Xs
Фотографија: dapd

Иако највисоките одличја за политичкиот филм последниве години станаа карактеристика на Берлиналето златната мечка ја доби „Цезар мора да умре“ најновото остварување на браќата Тавиани, кое иако добро котираше кај критичарите е дочекано како изненадување. Во преполнетата сала на Палатата на Берлиналето, првиот човек на жирито Мајк Ли и директорот на Фстивалот Дитер Кослик им го врачија Златото на ветераните на италијанскиот филм. Црно-белата сторија делумно документарна, која го освои меѓународното жири, е снимена во затворот Ребибиа кај Рим, и ја следи реализацијата на шекспировата драма „Цезар мора да умре“ која ја играат автентични затвореници. Браќата Тавиани примајќи ја Златната мечка и заблагодарувајќи им се на своите актери потсетија дека иако многумина од нив се осудени на долгогодишна затворска казна и тие се луѓе и остануваат луѓе. Благодарни му се и на Шекспир кој ја напишал драмата за Јулиј Цезар, но и на Берлиналето кое е „силно и со огромна фантазија“.

За секого по нешто!

На деветте награди во главната конкуренција, атакуваа вкупно 18 филмови. Апсолутен победник и фаворит во чии раце би заминале повеќе одличја нема, ако се исклучи данскиот „Кралска афера“ кој доби две сребрени мечки: за најдобро сценарио (Николај Арцел и Расмус Хеистерберг) и за најдобар машки актер Микел Бое Фолсгаард.за улогата на данскиот крал Кристијан Седми.
Како што многумина и очекуваа, унгарската драма „Само ветрот“, инспирирана од вистински случки – убивање на повеќе семејства Роми од расистички побуди на режисерот Бенче Флиегауф му ја донесе Сребрената мечка и големата награда на жирито.
Германските претенденти не смеат да бидат разочарани зашто Кристијан Петцолд за „Барбара“ ја доби сребрената мечка за најдобар режисер. На германскиоит камерман Луц Рајтемајер кој ги пренесе прекрасните предели од кинескиот „Земја на белите елени“ му припадна сребрената мечка за особено уметничко остварување. Сребрена мечка и е доделена и на Урсула Мајер за филмот „Сестри“, а „Табу“ на Мигуел Гомес е годинашен добитник на наградата Алфред Бауер што го носи името на основачот на Фестивалот.
Не е заборавена, туку за крај ја оставаме сребрената мечка за најдобра актерка која и припадна на дебитантката Рахел Мванѕа за ролјата на Кома, девојчето војник во прекрасниот филм „ Вештерка на војната“ ( или „Бунтовничка“) на канадскиот режисер Ким Нгујен. Рахел Мванѕа за Дојче Веле ја раскажа својата приказна која има толку паралели со ролјата која ја толкува во сторијата за децата војници во Конго.

Приказната на Рахел

По разделбата на родителите Рахел со уште една своја сестра и четирите браќа останала да живее кај својата баба, во едно село во Конго. Продавала дребулии за да придонесе во семејството. Но, баба и не можела да излезе на крај со парите и толку деца и притискала да замине. Отишла во дом за деца без родители, а оттаму кај својата постара пријателка Марлен каде помагала во домакинството. И така се’ до еден ден кога од брат и Че ге Вара дознала дека еден белец бара улични деца за документарец. Се пријавила. Се снимало и заработиула 500 евра. Парите ги поделила со браќата и сетрата. И дала и на баба и, и место да и остане уште нешто за училиште - потрошила се’. Морала повторно да замине в дом. На нејзина среќа филмаџиите се вратиле да снимаат цел игран филм. Се пријавила и била одбрана.
„Ова беше чудо за мене... Научив да читам. Сите многу ми помогнаа и сум бескрајно благодарна. Сега тие се моето семејство“, ни изјави Рахел која е сигурна дека и натаму ќе продолжи да работи на филм, иако како вели и режисерот Ким Нгујен сосема е неизвесно дали овој филм воопшто ќе моиже да го видат луѓето од Конго, зашто верувале или не таму нема кина, ниту дистрибутери на филмови за Африка.

„Парада“ со три награди

Доколку се направи резиме на наградените, неспорно е дека еден од рекордерите со три добиени одличја на годинашното Берлинале е „Парада“ на Срѓан Драгојевиќ. Копродукцијата на четирите екс Ју републики, меѓу кои и Македонија ја доби првата награда на публиката на Берлиналето ( највисоко одличје за филмовите во Панорама), потоа пофалницата од Екуменското жири и наградата „Елзе“ на берлинското геј списание „ Зигезојле“. Драгојевиќ пред новинарите и публиката неколкупати подвлече дека овој филм до сега го виделе половина милион гледачи од регионот и дека има поголем придонес за прифаќање на различностите и поинаквите сексуални определби од било какви паради кои се организират. За режисерот е особено значајно што во создавањето на филмот учествувале поранешните Ју републики, така што како кажа „иако постојат граници ова е југословенки филм“ и соработката и натаму ќе продолжи. Дури Драгојевиќ дополнува дека „ првите луѓе на филмските фондови на сегашните копродуценти (Србија, Хрватска, Словенија и Македонија) покренале иницијатива за формирање регионален филмски фонд кој би се викал и „Титов фонд“, зашто Тито бил голем љубител и почитувач на филмската уметност“.

Потребен е континуитет!

Дека копродукциите се значајни потврдува и годинашнава презентација на Македонија на Берлиналето која има учество во „Парада“, но и во „Жената што ги избриша своите солзи“ на Теона Стругар Митевска. Филмот кој беше топло прифатен од публиката не доби ниту едно одличје, но беше забележан од бројната критика. Анет Мајер, специјализирана за филм која пишува за повеќе списанија смета дека „филмот е интересен“. Некои нејзини колеги, вели, можеби и го искритикувале, но подобро е да има и некаква реакција отколку да мине незабележан.
Инаку, битно е што Македонија годинава за првпат ја имаше и во категоријата Генерација каде се претстави со кусиот филм „ Бардо“ на Марија Апческа. На Европскиот филмски маркет диструбутерите и агентите ја видоа и македонско-словенечката копродукција „Балканот не е мртов“ на Александар Поповски, филм кој допрва ќе биде завршен и претставен на фестивали. Ако се има предвид дека и „Третто полувреме“ на Дарко Митревски ќе биде финиширан во текот на годинава и ќе се прикаже на престојните фестивали, тогаш факт е дека в година нема многу да остане за Берлиналето. Така ако годинава Македонија ја имаше, в година претставувањето е неизвесно. Роберт Насков од Кино Око затоа вели: „ Македонија по се’ изгледа биенално се појавува на Берлиналето со филмови, зашто колку е богата продукцијата, толкаво е и претставувањето“. Затоа е потребен континуитет на снимање, за да има и континуитет на фестивалски настапи!

Автор: Силвера Падори-Кленке

Berlinale 2012 Srdjan Dragojevic
„Парада“ замина од Берлин со три одличја, меѓу кои и првата награда на публикатаФотографија: DW
Berlinale 2012 Regisseur Kim Nguyen und Schauspielerin Rachel Mwanza Preis Silberner Bär
Сребрена мечка за дебитантката Рахел Мванѕа која играше во „Бунтовничка“ на Ким НгујенФотографија: DW/S.Padori
Berlinale 2012 Preisträger Mikkel Boe Folsgaard Regisseur Nikolaj Arcel und Rasmus Heisterberg
Две сребрени мечки : за сценариот и за најдобар актер доб тимот од данскиот филом „Кралска афера“Фотографија: dapd

Редактор: Симе Недевски