1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Златниот олимписки медал како најдобра празнична честитка

Александар Методијев/миа/макфакс8 септември 2012

Македонската параолимпијка Оливера Наковска Бикова беше свечено пречекана на аеродромот Александар Велики по повод освојувањето на златниот медал на Игрите во Лондон. Посебен прием за неа е најавен во родната Битола.

https://p.dw.com/p/165U3
Фотографија: MIA

Градоначалникот на општина Битола Владимир Талески денескa на аеродромот Александар Велики во Скопје лично и’ го честиташе големиот успех на битолчанката Оливера Наковска Бикова, која претпладнево со својот златен медал пристигна од Лондон, каде учествуваше на Параолимписките спортски игри. Битолскиот градоначалник најави посебен прием за славеничката со големо одличје и во нејзиниот роден град.

„Златниот олимписки медал е најубавата празнична честитка. Горд сум со постигнатиот успех, а наскоро ќе приредиме и посебен прием за олимпијката со најголемото одличје во Битола“, посочи Талески.

Наковска - Бикова беше пречекана на аеродромот во Скопје и од министерката за внатрешни работи Гордана Јанкуловска и од министерот за труд и социјална политика Спиро Ристовски. Свечениот дочек го организираа Агенцијата за млади и спорт заедно со компанијата Тав аеродром. Агенцијата за спорт и млади на Наковска Бикова и' додели доживотна спортска пензија и е носител на Националното спортско признание.

Ваквата чест Наковска Бикова ја заслужи со освојувањето на златен медал на Параолимписките игри во Лондон во дисциплината стрелање со воздушен пиштол од 10 метри, при што го собори и светскиот рекорд.