1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Злато за Германија на СП во Македонија

4 август 2008

Вчеравечер во финалниот натпревар во Скопје, германските ракометарки јуниорки ја совлада репрезентацијата на Данска и за прв пат го освоија златото. Фуриозен старт на Вардар во новото фудбалско првенство.

https://p.dw.com/p/Eq8O
Фотографија: Petr Stojanovski

Германската женска јуниорска репрезентација во ракомет е нов светски првак. Вчеравечер во финалниот натпревар во Скопје, германките во драматичен финиш ја совладаа репрезентацијата на Данска со 23:22.

Пред две ипол илјадната публика во спортската сала Борис Трајковски, германките одиграа одличен натпревар. За нијанса беа подобри и заслужено славеа против данките. Решавачкиот гол на пет секунди пред крајот го постигна Франциска Мајцнер.

Најдобар поединец во германската репрезентација беше Сузан Милер од тимот на Лајпциг. Надја Надгорнаја која настапува за Блумберг Липе во финалниот натпревар постигна четири голови.

Претходно во полуфиналето Германија ја совлада Шпанија со 28:22. Бронзениот медал на шамионатот го освоија ракометарките на Јужна Кореа кои во малото финале ја победија Шпанија со 29:22.

Македонската репрезентација заврши на разочарувачкото 18 место, во конкуренција на 20 земји учеснички. Во текот на шампионатот се повредија неколку клучни ракометарки, но дојде до израз и неискуството на тимот кој очигледно сеуште не е зрел за добар резултат.

Вардар сигурен на стартот

На викендот стартуваа натпреварите од првата фудбалска лига. Овогодинешниот фаворит, Вардар, кој е со нов спонзор и речиси целосен изменет тим, уште на стартот со потврда на најавите дека ќе атакува на двојната круна. Вардарците во дербито против Победа на градскиот стадион во Скопје беа убедливи, славеа со 3:0. Победа беше рамноправен тим во првото полувреме. Вториот дел целосно им припадна на црвено црните кога беа постигнатите сит три гола.

Актуелниот шампион Работнички, на гостувањето против Напредок во Кичево, се спаси од пораз во самиот финиш на натпреварот кој заврши 1:1.

Во останатите дуели, Македонија Ѓорче Петров го декласираше Турново со 4:0, Ренова и Силекс одиграа без голови. Натпреварот Милано-Металург е одложен за во среда. Пелистер беше слободен.