1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Злато и сребро од отпад

20 ноември 2010

„Градот како извор на суровини“ - кога Ојген Дирвехтер ја основа фирмата за рециклирање на благородни метали „Додуко“ во 1922 година, не се ни спомнуваше такво нешто, а денес браншата цвета.

https://p.dw.com/p/Q2bH
Фотографија: AP

Пфорцхајм, во покраината Баден-Виртермберг, во минатото беше град на накит од злато и сребро. Конкуренцијата беше голема, многумина сакаа да заработуваат пари со рециклирање на благородни метали, но тој бизнис не беше доволно исплатлив. Дирвехтер доживеа вистински успех дури откако почна со производство на електрични контакти. што до денес му е главен бизнис. Сепак, првичната идеја на Дирвехтер дури сега, по речиси 90 години, може да стане вистински важна.

Скапа и комплицирана постапка

Schmuckwelt in Pforzheim -- die Goldstadt
Една од бројните продавници за накит во Пфорцхајм, градот на накитотФотографија: Schmuckwelt Pforzheim

Во производствените хали на „Додуко“ се преработуваат отпадоци. Во големи картонски кутии се наоѓаат метални ленти кои изгледаат како невнимателно одмотани филмски ленти.

„Смесата содржи големо количество бакар - затоа е толку убаво црвена. Но, се забележуваат ситни сребрени дамки“, со прст покажува Бернхард Марковис. Тој веќе триесет години работи на рециклирање на благородни метали во фирмата „Додуко еделметале“ („Додуко благородни метали“). Во индустриските производи - ладилници, лековити масти, компјутерски тастатури - среброто е се` почесто застапено, но во толку мало количество, што рециклирањето не му се исплати секогаш, оти процесот на рециклажа е исклучително комплициран и скап.

„За да направиме фер сметка со клиентот, прво мора да провериме колку бакар и благороден метал има во производите кои треба да се рециклираат. За таа цел, материјалот се топи на температура од 1000 степени и се претвора во хомогена течна маса. Од неа се земаат примероци кои потоа се испитуваат во нашата лабораторија. Врз основа на измерените количества на бакар и благороден метал во смесата се пресметува цената“, објаснува Марковис.

Кина го препозна потенцијалот на браншата

16.03.2010 DW-TV JOURNAL WIRTSCHAFT MINIREPORTAGE Gold
Од еден килограм метален отпад може да се добијат два до три грама злато

„Додуко“ има фирми-ќерки во Шпанија, Мексико и Кина, но рециклажата се врши само во Германија. Фирмите-ќерки го праќаат отпадниот материјал кој содржи благородни метали во Германија. Единствен исклучок е Кина. Таму не е дозволено да се извезува отпад. Кина одамна го препозна потенцијалот на „градското рударство“ и затоа го складира отпадот кој подоцна може да донесе пари. Рециклажата на благородните метали станува се` подобра: порано материјалот морал да содржи најмалку 5% сребро, а денес е доволен само 1%.

Марковис ја става во погон машинеријата: топење, горење, електролиза и се’ друго што е нужно:

„Не плашете се, тропањето типично за овој вид електролиза. Среброто создава толку убави кристали. Женските срца секогаш чукаат забрзано кога го гледаат ова.“

Во мал базен, рамномерно одалечени, се распоредени метални плочи потопени во сина течност. Странично врз плочите се создаваат сребрени кристали кои постојано растат, што може да создаде мост и да ги поврзе плочите, а тоа би предизвикало електричен спој. За да се избегне таквата ситуација, на секои дваесет минути плочите мора да се поткреваат за да паднат кристалите, и потоа пак се спуштаат.

Заштита на животната средина и задоволување на светската побарувачка

07.09.2009 Im Focus gold und silberschmuck
Рециклирањето е важен фактор за снабдување на светското стопанство со благородни метали

„Додуко“ годишно рециклира 400 тони сребро. Доколу компанијата би била самостојна држава, би била тринаесетти по големина производител на сребро во светот, вели Армин Нител, раководител на Одделот за рециклирање на благородни метали. Ако се сметаат сите германски производители на сребро заедно, групата би се нашла на петто место. Нител, сепак, се` уште е незадоволен:

„Во моментов 60% од материјалот, кој содржи балогордни метали, завршува на ѓубриште и не може да се рециклира. Во иднина оваа стапка мора да се намали.“

Високата цена на среброто помага, но во исто време и ја отежнува работата, вели Нител, оти индустријата постојано бара нови начини за поштедлива примена на скапиот материјал. И покрај тоа, концентрацијата на сребро во отпадот и натаму останува повисока отколку во рудата, подвлекува Нител. За да се добијат два до три грама злато или сребро, мора да се ископа околу еден тон руда, а истото може да се добие од само еден килограм отпад. За Нител тоа е заштита на животната средина. И не само тоа:

„Без рециклажа никако не би можеле да ја задоволиме потребата од злато и сребро. Кај среброто станува збор за една петтина, кај златото стапката е уште повисока. Од ова се гледа колку важен фактор е рециклирањето за снабдување со благородни метали на светското стопанство.“

Автор: Јута Васераб / Далибор Стајиќ

Редактор: Жана Ацеска