1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ЗНМ бара од Груевски поддршка за аболиција на Кежаровски

ЕМФ/миа24 октомври 2013

ЗНМ достави писмо до премиерот со барање прашањето за аболиција на новинарот Кежаровски да се стави на дневен ред на наредната седница на Владата. СДСМ пак бара седница на Постојаната анкетна комисија за човекови права

https://p.dw.com/p/1A5Zi
Фотографија: Petr Stojanovski

Претседателот на Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ), Насер Селмани, денеска (24.10) потсетува дека пред речиси два месеца имаат поднесено предлог до Министерството за правда за аболиција на Кежаровски и до денеска нема одговор од министерот Блерим Беџети.

„Сметаме дека аболицијата на Кежаровски е од интерес на Македонија, прво затоа што е невин, не направил ништо лошо, туку открил злоупотреба на сведок, што е највисок јавен интерес и второ затоа што овој случај сериозно го нарушува угледот на Македонија во светот“, изјави Селмани.

Според ЗНМ, Владата треба да ја искористи оваа законска можност и да спречи невин човек да остане во затвор:

„Сега е сѐ во рацете на премиерот Груевски, кој реално може да го искористи неговиот неспорен авторитет во Владата и да му наложи на министерот Беџети да ја покрене постапката за аболиција кај претседателот Ѓорге Иванов“, изјави претседателот на ЗНМ, според кого, ова е и можност да се покаже пред светот дека македонските власти водат сметка за слободата на изразување.

СДСМ бара седница на Постојаната анкетна комисија за човекови права

Македонското Собрание, петнаесетина минути по почетокот, денеска ја прекина 74. седницата на барање на координаторот на пратеничката група на СДСМ Игор Ивановски. Пратениците од опозициската партија бараат од претседателот на Собранието Трајко Вељаноски веднаш да закаже седница на Постојаната анкетна комисија за човекови права на која би се расправало за настаните околу вчерашниот протест на новинарите:

Mazedonien Parlament Skopje
Фотографија: AP

„Да се разговара за партиско-полициските методи против новинарите, опозиционерите и сите оние коишто не мислат како нас“, рече Ивановски.

Вељаноски, повикувајќи се на Деловникот, појасни дека за закажување на седница на Постојаната анкетна комисија е надлежен претседателот на комисија, а тоа е Беким Фазлиу.

„Ако мислите дека тој не сака, согласно Деловникот, една третина од членовите на Комисија бараат од него да закаже седница. Ако одбие тогаш може да се обратите до мене, тогаш можам врз основа на Деловникот да одредам еден од пратениците да ја води седницата“, изјави претседателот на Собранието.

Ивановски реплицира дека од Вељановски бараат да свика седница на Постојната анкетна комисија за да се провери кој во МВР даде налог за да се спречи протестот на новинарите.

„Како е дозволено некој да протестира, а за некој тоа да биде забрането?“, праша координаторот на СДСМ, кој рече дека Вељаноски како претседател има право тоа да го направи.