1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ЗНМ: Европската комисија потсети на незавршените задачи

ЖА/макфакс17 април 2013

Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) оценува дека Извештајот на Европската комисија во делот за слободата на изразувањето е објективен.

https://p.dw.com/p/18HTg
Фотографија: Fotolia/picsfive

„Во извештајот се констатира дека политичките партии не ја формирале Анкетната комисија, која треба да го расчисти инцидентот со новинарите и се повикува на обновување на дијалогот. Позитивно е што Комисијата ја реафирмира потребата од градење на мерки на доверба за да можеме да го продолжиме дијалогот и да ги решиме и преостанатите отворени прашања, како што се зајакнувањето на Македонската радиотелевизија и потребата за формирање на саморегулаторно тело во медиумите, кое ќе помогне да се зајакне примената на професионалните и етички стандарди на новинарите“, се вели во соопштението од ЗНМ.

Понатаму се оценува дека охрабрувачки е што ЕК останува на принципиелниот став дека за донесување на законодавство поврзано со слободата на изразувањето и слободата на медиумите од суштинско значење е процесот да биде инклузивен со вклучување на сите заинтересирани страни.

„Јасно се потенцира фактот дека нема никаков напредок во однос на зголемување на транспарентноста на владиното рекламирање, кое исто така беше дел од агендата на Работната група. Владата во патоказот се обврза дека ќе го реши тоа прашање. Останува загриженоста на ЕК за автоцензура, за лошата социјална положба на новинарите и за неизбалансираното известување од медиумите, забележано од мониторите на ОБСЕ за време на локалните избори“, констатираат од ЗНМ.

На крајот во соопштениетот упатено од ЗНМ, како оценка на пролетниот извештај на ЕК, како многу битно се подвлекува тоа што Комисијата не заборава да потсети дека со декриминализацијата на клеветата и навредата не е завршена работата, туку дека се потребни дополнителни напори судиите да го спроведат законот во духот на судската пракса од Европскиот суд за човекови права.