1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ЗНМ: Законот за медиуми да стапи во сила по приемот во ЕУ

СН/ЖА/макфакс20 август 2013

Здружението на новинари на Македонија достави само еден амандман за Законот за медиуми со кој бара неговата примена да се одложи до денот кога Македонија ќе и‘ пристапи на Европската унија.

https://p.dw.com/p/19Smu
Фотографија: MAKFAX

Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) достави амандмани до Собранието за Законот за медиуми и за Законот за аудиовизуелни медиумски услуги.

За Законот за медиуми ЗНМ достави само еден амандман со кој бара примената на овој закон да се одложи до денот кога Македонија ќе стане членка на ЕУ.

„Со прифаќањето на овој амандман, пратениците ќе ги одбегнат и штетите по евроинтеграцијата на Македонија затоа што овој закон не го бара Европската унија, туку исклучиво само владата. Пратениците имаат идеална шанса пред македонската јавност да ги решат сите дилеми кај сите нас дека донесувањето на овој закон нема за цел да ја ограничи слободата на изразувањето и слободата на медиумите. Владата тврди дека овој закон е според европските стандарди. Ако е така, тогаш ние немаме ништо против законот да се примени кога ќе станеме членка на ЕУ. Ако било која власт низ пристапните преговори ја убеди Европската комисија дека во земјата се почитува слободата на изразувањето и слободата на медиумите, тогаш нема да стравуваме дека примената на овој закон ќе може да се злоупотреби за замолчување на критичките гласови во медиумите“, велат од ЗНМ.

За законот за аудиовизуелни медиумски услуги ЗНМ достави неколку амандмани со кои се спречува политичко влијание при изборот на членовите на Програмскиот совет на МРТ и се обезбедува одржливо финансирање за јавниот сервис.

Останатите амандмани се однесуваат на Агенцијата за медиуми, со кои ЗНМ има цел да ја зајакне институционалната независност на регулаторното тело и се обезбедува транспарентност во неговата работа. Двата закони се на дневен ред на седницата на Комисијата за транспорт, врски и екологија во второ читање.