1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Золик ја презема функцијата во Светска Банка

2 јули 2007

Од 1 јули на чело на Светската банка стои нов човек. Роберт Золик е наследникот на Пол Волфовиц, кој замина неславно поднесувајќи оставка поради финансиска афера. Золик ужива голем углед како менаџер и дипломат.

https://p.dw.com/p/BAap
Го чека тешка задачаФотографија: AP

Пред се Германците имаат многу да му заблагодарат на Роберт Золик. Тој одигра значајна улога во разговорите два + четири и за обединувањето на земјата. Педесет и три годишниот врвен менаџер во владата на американскиот претседател Џорџ Буш, беше ополномоштеник за трговија и вицеминистер за надворешни. Ги донесе Кина и Тајван во Светската трговска организација и многу се ангажираше во Африка. За во следниве пет години да биде на чело на Светската банка, го напушти високото менаџерско место во Инвестиционата банка Голдман сакс. Екхард Дојчер, претставник на Германија во директориумот на Светската банка, вели дека Золик е вистинскиот човек за позицијата.

“Тој е меѓународно докажан, пратматично размислува, како дипломат е вешт преговарач. Исто така добро знае да се однесува со персоналот.”

Најважната задача на Золик е да ја добие довербата на 10 000 вработени во Светската банка. Во последниве две години, под раководството на Пол Волфовиц направена е голема штета. Откако Буш го номинираше, Золих изјави:

“Светската банка и сите соработници имаа големи потешкотии во последно време. Но, решенија има. Мораме непријатните тонови од минатото да ги оставиме зад себе и заеднички да се концентрираме на иднината. ”

И членовите, а тоа значи и земјите донатори во Банката мора повторно да бидат убедени во смислата и целта на организацијата и нејзината ефективност. Тука треба да дојдат до израз менаџерските вештини на Золик, способноста да се создаде мрежата и да се интегрира. Уште пред да стапи на должност тој имаше средби со владите во повеќе земји. Првата дестинација му беше Африка.

Мора да се променат и односите меѓу Претседателот и директориумот, смета Дојчер. Во времето на Волфовиц тие станале “млитави и се дистанцирале”. На средба со директориумот Золик најавил дека работи на нова стратегија на Светската банка. Дојчер побара:

“Оваа стратегија мора да содржи, како Светската банка во иднина ќе работи со средно развиените земји, и со земји како Кина, Индија на кои веќе не им требаат пари. Но, потребно им е знаење, кое може да им се даде преку инвестиции или други развојни програми.”

Земјите како Кина, Индија, Бразил, Мексико и Јужна Африка веќе сигнализираа заинтересираност. И понатаму останува важна соработката со слабо развиените економски земји. Светската банка мора да се заложи и за теми како промена на климата, смета Дојчер:

“Не се сомневам дека господин Золик знае дека е ова меѓународна организација, за која не е обврзана ниту една влада посебно, туку дека треба да ги слуша 185 земји членки.”

Дека Роберт Золик се однесува поинаку од неговиот претходник, вели Дојчер, покажува и фактот што во преговорите за работното место не донесе адвокат, како Волфовиц и не бараше специјални клаузули. Исто така не донесе свои луѓе во тимот - нешто што постојано му се префрлаше на неговиот претходник - туку му верува на персоналот во Светската банка.