1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Зоните се множат, но бавно се полнат

Костадин Делимитов 1 април 2013

Концептот на слободни економски зони за привлекување странските инвеститори, според Владата, е добар и треба да даде попозитивни резултати. Експертите сугерираат идентични бенефиции за сите инвеститори.

https://p.dw.com/p/187YO
„Бунарџик“Фотографија: DW

Македонската Влада не се откажува од слободните економски зони за привлекување на странски инвеститори и покрај фактот што постојниот модел засега дава само одредени резултати. Интензивно се промовираат  предностите и бенефициите за заинтересираните компании кои ќе се решат да отворат производствен погон на овие локации.

Во моментов се присутни само пет фирми, но според најавите наскоро треба да профункционираат уште неколку, вели за Дојче веле директорот на Технолошко индустриските резвојни зони Виктор Мизо: „Во Македонија се планираат вкупно 15 слободни економски зони, што секако е долгорочна стратегија за рамномерен регионален развој. Целосно функционална е зоната ’Скопје 1’ каде веќе пет компании вршат производство, уште две се во фаза на изградба, а до крајот на летото ќе профункционираат и зоните ’Штип’ и ’Скопје 2’. Тогаш со производство ќе започнат ’Џонсон Контролс’ со фабриката за навлаки за седишта и белгиски ’Ван Хол’ кој ќе произведува автобуси за пазарот во САД. Лани започна изградбата на основната инфраструктура во зоните во Прилеп, Гевгелија и Кичево, а годинава истото се планира и за зоните во Струмица, Охрид/Струга, Радовиш, Ранковце, Берово, Виница и Делчево. За тетовската во завршна фаза е постапката за избор на странски приватен партнер по принципот на јавно приватно партнерство. Овој модел може да се употреби и за други зони во зависност од интересот“, најавува Мизо.

Наспроти ваквиот оптимизам, дел од експертската јавност смета дека ваквиот модел е поставен на погрешна основа. Според универзитетскиот професор Ванчо Узунов тоа го потврдуваат и резултатите. Технолошките зони според него се повеќе владин маркетиншки трик дека нешто се работи за домашната јавност. Овој концепт според Узунов е релативно ефикасен за поголемите економии кои се во фаза на промени на својата структура и подобрување на конкурентноста: „Во тие услови на инвеститорите им се потребни привилегирани услови во кои ќе можат да работат на развојот на пософистицираните  фази од производството. Во тој случај, инвеститорите тие услови ги добиваат во зоните кои се нарекуваат технолошки и развојни зони. Сличен вид се и слободните зони, каде инвеститорите добиваат ослободување од некои давачки, но тие зони се најчесто сместени блиску до големите пазари. Во случајот со зоните во Македонија, ништо од наведеното не е точно. Македонија има многу малку домашни фирми кои инвестираат и работат на нови посовршени производи. Речиси и не постојат кластери од домашни фирми кои инвестираат во заедничко подобрување на конкурентната способност, а и во Македонија не постои голем пазар речиси за ниеден вид на производство. Наместо тоа, зоните во Македонија служат како ’мали оази’ каде странските инвеститори добиваат ’частење од државата’, привилегирани услови во однос на другите фирми. Тоа е се! Во преносна смисла, евтино ’поткупување’ на некои странски инвеститори да дојдат во Македонија. Меѓутоа, веќе е сосема очигледно и практично докажано дека тоа, како инструмент на политиката, може да има ограничен домет и влијание“, предупредува Узунов. 

Symbolbild Bezahlung Kasse Geld
Фотографија: Fotolia/StefanieB.

Статистиката и бројките за извозот што го вршат овие компании за владата се мотив дополнително да го развива моделот: „Како директен позитивен резултат е фактот дека лани извозот на компаниите во зоната ’Скопје 1’ изнесува повеќе од 19% од вкупниот на ниво на државата. Не само што овие компании придонесоа за зголемување на извозот, туку благодарение на нив целосно е променета и неговата структура. Од Македонија сега почнаа да се извезуваат и високо технолошки компоненти и производи. Друг показател за успешноста на нашиот концепт е тоа што зоните ’Скопје 1’ и ’Скопје 2’ се рангирани во топ 50 зони на иднината за периодот 2012/2013 од страна на престижниот ’FDI’ магазин“, вели Мизо.

Skopje 2014 Gebäude der Regierung
Влада на РМФотографија: DW

Узунов сепак предупредува дека за побрз развој на македонската економија и за вистинско привлекување на странски инвеститори потреби се инвестиции во квалитетна работна сила и напредна технологија, но и идентичен третман, односно бенефиции за домашните компании:

„Ако веќе се прифати концептот на слободни зони, тогаш целата територија на РМ треба да стане слободна зона, потполно еднакво достапна како за домашните, така и за странските инвеститори. А вака владата, особено пред овие избори, отвара зони согласно потребите за ’залажување’ на гласачите во одделни општини каде проценките кажуваат дека рејтингот на владата не е баш добар! Од тоа нема развој“, коментира Узунов.