1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Зоран Поповски, кандидат на ГРОМ за претседател на Македонија

СН/емф/макфакс/кб9 февруари 2014

Граѓанската опција за Македонија (ГРОМ) е првата партија во земјата која во јавноста излезе со својот адут за претстојните претседателски избори.

https://p.dw.com/p/1B5pS
Фотографија: MIA

Партијата Граѓанска опција за Македонија, предводена од градоначалникот од општина Карпош, Стевче Јакимовски, денеска (9.02) на седница на Централниот одбор на партијата одлучи на претстојните претседателски избори да настапи самостојно, а за свој кандидат го избра професорот Зоран Поповски.

Лидерот на партијата Граѓанска опција за Македонија, Стевче Јакимовски, истакна дека станува збор за човек кој нема да потклекне на какво било влијание.

„Се радувам што ГРОМ без никакви калкулации прв излегува во јавноста со свој кандидат кој нема да биде ни марионета на власта, ни продолжена рака на опозицијата, туку претседател на сите граѓани во оваа држава“, истакна проф. д-р Зоран Поповски, кандидат за претседател од редовите на ГРОМ.

Поповски, кој важи за еден од најблиските соработници на лидерот на ГРОМ и градоначалник на општина Карпош, Стевче Јакимовски, најави дека ќе води коректна кампања во која целна група ќе му бидат сите граѓани на Република Македонија. Тој ги изнесе и своите ставови за спорот со името и истакна дека не се согласува проблемот да се реши преку референдум.

„Нема да дозволам понатамошно играње со нашето исконско име и негова референдумизација“, вели кандидатот Поповски.

Инаку Поповски е (08.09.1962) е редовен професор на Факултетот за земјоделски науки на УКИМ и раководител на Катедрата за биохемија и генетско инженерство, во чиј состав се две лаборатории за биохемија и молекуларна биологија и ГМО лабораторија. Во богатата научна кариера имал повеќе студиски престои и стручни усовршувања во странство и учествувал во домашни и меѓународни истражувачки проекти. Автор е на голем број научни и академски трудови, особено за ГМО и генетскиот инжинеринг. Неговата област на стручност е молекуларна биологија на животни, а негови последни стручни публикации се „Rp polymorphism in the genome of indigenous macedonian and slovenian pramenka sheep breeds“ и „Генетски маркери во селекција на домашните животни PSS, BLAD, k-казеин“. Од 2002. до 2006. година беше државен советник во Министерството за образование во владата на СДСМ.

Претседателскиот кандидат на ВМРО ДПМНЕ, како што најавија претходно од партијата, ќе се знае по партиската конвенција закажана за 1-ви март, а СДСМ најави дека кандидатот од своите редови ќе го претстави на почетокот на наредниот месец.

ДУИ и понатаму останува на своите цврсти ставови за консензуален претседател, а ДПА и понатаму останува незаинтересирана за претседателската трка.