1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Зошто Бугарите не им веруваат на медиумите?

Георги Папакочев / Александар Методијев5 февруари 2014

Има ли независно новинарство во Бугарија? Зошто 25 години по преминот кон демократија само 1 од 7 Бугари верува дека медиумите се слободни? Од Германија доаѓа совет - новинарите да се занимаваат со општите интереси.

https://p.dw.com/p/1B31a
Фотографија: picture alliance/ZB

Само 14% од Бугарите веруваат дека во земјата има независно новинарство, а меѓу жителите на Софија тој процент е дури и за половина понизок. Тоа го покажува истражувањето на агенцијата „Маркет линкс“, направено по барање на фондацијата „Конрад Аденауер“. Во годишниот извештај за политичкото новинарство во Бугарија, претставен во Софија од страна на фондацијата „Медиумска демократија“ и фондацијата „Конрад Аденауер“, се содржани и други вознемирувачки констатации.

Само четири проценти од анкетираните 1.200 полнолетни граѓани ги посочуваат весниците како извор на информации, а 62 проценти таа улога ѝ ја доделуваат на телевизијата. Дваесет проценти од граѓаните во основа се информираат преку интернет.

Година на непријателски говор

Авторите на истражувањето заклучиле дека двете најголеми бугарски партии се главно негативно претставени во медиумите. Според Георги Лозанов, претседателот на Советот за електронски медиуми – надзорниот орган за радио и телевизија, 2013-та година била „година на непријателски говор“. Тој забележува „говор на омраза“ во медиумите.

Bulgarien Georgi Lozanov
Георги Лозанов, претседател на Советот за електронски медиумиФотографија: BGNES

„Тоа значи да го претвориш опонентот, поразличниот од тебе, во непријател и да сакаш да го уништиш. А, за него да го уништиш политички значи да го смениш политичкиот дискурс со правен, да го обвиниш противникот за кривично дело и евентуално да го ставиш в затвор“, појаснува експертот за медиуми.

„Во 2013-та година не се правеше политика, туку се бараше одговорност од политичарите, а медиумите беа сцената за такво барање“, констатира доцент Георги Лозанов.

Големо медиумско партизирање

Од извештајот за медиумите во Бугарија станува јасно дека тие се многу пристрасни при информирањето за внатрешната политика. Дали тоа значи дека во земјата има чисто партиски и политички медиуми, кои се под влијание на партиите?

Christian Spahr vom Medienprogramm der Konrad-Adenauer-Stiftung
Кристијан Шпар, раководител на медиумската програма на германската фондација „Конрад Аденауер“Фотографија: privat

„Во 2013-та година забележавме многу сериозна поларизација на медиумите, која ја следи поларизацијата на политичкиот живот, што се случи по вториот протестен бран. При информирањето за првите протести од февруари-март информативните средства не беа тврдо разединети во размислувањата и синхронизирано застанаа на страна на незадоволството. Потоа, редица централни изданија и телевизии ја искористија новата ’револуционерна ситуација’ за да ја променат ориентацијата. Едноставно бевме сведоци на медиумско партизирање“, оценува доцент Орлин Спасов од фондацијата „Медиумска демократија“. Тој смета дека Бугарија може и натаму да тоне на листите на „Фридом хаус“ и „Репортери без граници“ за слободата во медиумите.

Полезни искуства има во странство

Може ли да им се помогне на бугарските медиуми да излезат од кризата во која се наоѓаат? Раководителот на медиумската програма на германската фондација „Конрад Аденауер“ Кристијан Шпар за Дојче веле објаснува дека за тоа се неопходни две претпоставки.

„Најпрво е неопходно играчите на бугарскиот медиумски пазар самите да дојдат до заклучокот дека треба да се поврати довербата во медиумите. Ако за ова прашање биде постигнат некаков консензус, тогаш сите треба да седнат на една маса и не да дискутираат за себе си, туку да се насочат кон општите интереси и проблеми“, смета Шпар.

Тој укажува дека земјите во ЕУ треба да учат од искуството на другите членки, како што Германија учела демократија по Втората светска војна од останатите земји. Тој смета дека преку експертска дискусија одредени германски медиумски искуства би можеле да се применат во Бугарија.