1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Syrien NATO

3 септември 2011

Додека бунтовниците во Либија слават, режимот во Сирија и натаму брутално постапува со демонстрантите. ЕУ, САД, па дури и Иран, протестираат , меѓутоа не сакаат воено да интервенираат - од добри причини.

https://p.dw.com/p/12RUx
Сириските демонстранти бараат помошФотографија: dapd

Министрите за надворешни работи на ЕУ  ги заоструваат санкциите против Сирија и донесоа одлука за запирање на увозот на нафта од Сирија. Со тоа треба сирискиот претседател  да биде принуден на попуштање. И навистина, забраната за увоз на сириска сурова нафта во ЕУ би можела да му создаде значителни проблеми на Дамаск. Имено, околу 90 проценти од сирискиот извоз на нафта оди во земјите од Унијата, а извозот на нафта сочинува 30 проценти од приходите на државата.   

Од европски агол на гледање, Сирија е во секој случај  само помал испорачател на нафта , но не треба да се залажуваме:

Karte Syrien Damaskus Hama
Карта на СиријаФотографија: DW

Ако Европа отпадне , можеби ќе влета Кина, чија жед за нафта е благоречено неограничена. Дури и ако не биде најдена замена : Либија имено цели шест месеци не извезуваше практично ништо а и експортот на нафта во Ирак и по повеќе години од падот на садам Хусеин  се’ уште се нема нормализирано. И во двете земји забраната за извоз на нафта не придонесе за поголема флексибилност на тамошните режими.

Дилемата на Западот

Заострувањето на курсот на ЕУ кон Сирија доаѓа само неколку денови по падот на либискиот властодржец Моамер ел Гадафи. Тоа повторно фрла светло на дилемата , која Европа ја има со земјите на „Арапската пролет“. И покрај успешниот тек на воздушните напади во Либија важи за речиси сигурно дека ни ЕУ ниту НАТО нема по вторпат да интервенираат на ваков начин. А ни САД. Тие се преокупирани со повлекувањето на најголем дел од своите трупи од Ирак и Авганистан и токму поради тоа не се заинтересирани за нова воена авантура. Но причините  во прв ред не лежат во замореноста од војна на овие земји , туку повеќе во комплексноста на конфликтот во Сирија.

Наспроти шестмилионската Либија, сириската држава има речиси четирипати поголемо население. Во случај  на преврат или на проширување на насилните судири во Сирија се закануваат несогледливи  последици за соседните земји и за целиот блискоисточен регион. Со оглед дека Европа но и други држави однадвор досега не беа во состојба да ги смират или да ги решат  конфликтите во регионот, сега нормално се чуваат од можноста едно ново конфликтно жариште да биде проширено во огромен пожар.

Прибежиште на Хамас

Поврзаноста на Сирија во регионот и нејзините проблеми се повеќеслојни. Така оваа земја денес е последниот сериозен противник на Израел во „класичниот“ блискоисточен конфликт- и покрај многубројните обиди за водење мировни преговори со Израел кои од прв до последен пропаднаа. Дамаск е седиште на „Фронтот на отпорот“ на Палестинците, пред се на Хамас, чиј лидер Калед Машал оперира токму од Сирија.  Во Израел сепак развојот на настаните во Сирија се следи со непријатни чувства. Без оглед колку и да не се почитува Башар ел Асад, тој сепак за многумина важи за „вкалкулиран ризик“ .

Дамаск и натаму од историски и политички причини е несмалено заинтересиран за развојот во Либан , каде- заедно со Иран- го поддржува шиитскиот Хезболах. И Сирија е единствениот арапски сојузник на Иран дури и откако Техеран неодамна го предупреди Дамаск сериозно да ги земе предвид барањата на неговите граѓани.

Schurkenstaatengipfel
Претседателите на Сирија и на Иран, Асад и АхмединеџатФотографија: AP

Долгогодишниот раздор со тогашната  братска БААС партија на Ирак на Садам Хусеин е во меѓувреме надминат но Сирија и натаму страда од последиците на ситуацијата во Ирак и присуството на многу ирачки бегалци во земјата. И односите со Саудиска Арабија и другите арапски држави во Персискиот залив се матни. Тие додуша беа уште полоши по убиството на либанскиот премиер Рафик Харири, за кое беше обвинета Сирија, но сега полека се подобруваат.

Стари сметки меѓу Сунитите и и Шиитите


И конечно евентуален преврат се заканува да има последици врз односите меѓу шиитите и сунитите во регионот. Кланот Асад припаѓа кон шиитското малцинство Алавити а мнозинството во земјата се сунити. Во 1982 година таткото на актуелниот сириски претседател, Хафез ел Асад нареди крвав масакр на сунитите во градот Хама во кој беа убиени близу 30 илјади наводни „муслимански браќа“. Овој и други претходни судири на површина ги собраа многу „стари сметки“- чие порамнување би можело да води кон натамошна радикализација . Од сите овие причини е неспоредливо потешко за Европа и САД , да преземат нешто против крвопролевањето во Сирија. Поради можното проширување на насилствата, воена интервенција не се препорачува. Но, само санкции -како забраната за увоз на нафта - тешко дека ќе го придвижат Дамаск кон промена на курсот.

Автор: Петер Филип/ Симе Недевски

Редактор: Жана Ацеска