1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Зошто Македонија не е успешна европска приказна?

Силвера Падори-Кленке23 ноември 2012

На конференцијата за Западниот Балкан на Аспен институтот непланирано во политичкиот панел посебно место доби Македонија и прашањето: зошто Германија не притисне повеќе врз Грција за отворање на преговорите?

https://p.dw.com/p/16okg
Фотографија: DW/S. Padori-Klenke

Политичките дискусии за Западниот Балкан колку и да се организирани со цел да го свртат вниманието кон  регионот последниве години беа монотони и здодевни. Главно се повторуваа  едни те исти работи:  Европа е отворена, земјите треба  да работат врз реформите, да ја градат демократријата, да се борат против корупцијата, да се потпираат  врз регионалната соработка... И годинешнава конференција на Аспен институтот што се оддржа во Берлин, можеби и ќе имаше сличен тон доколку  модераторот на политичкиот панел со министрите за надворешни работи од регионот,  професор Екарт Стратешулте  не ја  водеше дискусијата  провокативно, отворено и инвентивно. Така, откако им даде по две минути на 11-мината министри да се фокусираат на една тема која тој за секого одделно ја постави, следеше рафал од прашања кои  предизвикаа  и мала нелагодност кај дел од учесниците на панелот.
Така Македонија се издвои како тема откако Стратешулте  без влакно на јазикот ги праша министерот Гидо Вестервеле и американскиот заменик државен секретар Филип Рикер: „Зошто не ја направиме Македонија успешна приказна? Нема ли Германија доволно влијание врз Грција, да ја убеди да ја смени ситуацијата?  Госпоѓа Меркел не е во моментов многу  популарна, но Германија е многу влијателна. Не ли се уништува целиот систем околу проширувањето давајќи ветувања  во примерот на Македонија. Ако треба да се надминат тешкотиите нема ли да е поцелисходно пријателски да се притисне врз нашиот грчки партнер“?

Влијанието на Германија и САД

Гидо Вестервеле кој инаку во своето обраќање ги повтори познатите тези: Германија го поддржува проширувањето, историските дострели од него се импресивни од аспект на обединувањето на истокот и западот, од земјите од регионот зависи како ќе го чекорат европскиот пат -  во одговорот за Македонија  истакна:
„Простете што не одам во детали. Сите од нас знаат дека имаме  дијалог и правиме се’ што можеме да ја искористиме нашата влијателност. Но, нема да биде  фер вам да ви кажам што дискутираме со Грција и владата во Атина,  во нивно отсуство. Јас говорев генерално и се надевам секој разбра, но иако можеби некој не сака да чита меѓу редови сметам дека пораката е испратена! “.
За влијанието на САД и заинтересираноста Македонија да стане дел од НАТО Филип Рикер подвлече:  „многу сакаме  Македонија да ја видиме во НАТО. Ја поддржуваме земјата во спроведување на реформите. Македонија ја има поканата, но мора да има согласност  од сите“.
Дека дискусиите беа интересни и отскокнуваа од стандарните аргументи доказ е и тоа што министрите  мораа да ги заборават подготвените ливчиња и обраќања и даваа свои коментари на прашања од типот:  Успеа ли Хрватска во својата цел и која грешка не би ја повторил? Дали за Србија добар модел е Хрватска?  Како гледа Косово на регионалната соработкаљ и сл.  И македонскиот министер за надворешни работи Никола Попоски во две минути одговори на неколку прашања, главно за  пристапниот процес: преку прекршување на принципот на условеност за напредок во интеграциите во ЕУ може потенцијално да се креираат проблеми во пристапување на земјите кон ЕУ. Она што е клучно е да се задржи логиката: кога испорачувате одредени резултати доаѓате во следната фаза. Република Македонија ги исполнила критериумите и ЕУ место да се фокусира на барање изговори зошто да не се започнат преговорите, треба да се фокусира на нивниот почеток. Тоа би било значајно не само за  Македонија, туку и за унијата која ги има предвидено тие критерими. Цената која се плаќа со непочитување на така воспоставените правила е премногу висока за Европската унија како најуспешен мировен проект на овој континент да биде во ситуација да не ја реализира својата цел.
Значајни за полноправното членство како што истакнаа повеќемина министри се довербата и регионалната соработка, но важно е и земјите не да се донесат во  Унијата, туку Унијата да стане секојдневие во тие земји. И на крајот на краиштата  регионот  како е кажано е  на вистинскиот пат на чиј крај е отворената врата. Но, како што побара шефот на дипломатијата на Босна и Херцеговина Златко Лагумџија „убаво е што вратата на ЕУ е отворена. Но, ние би сакале да  бидеме крај таа маса што е внатре, а не пред врата...“.
 

Nikola Poposki und Philip Reeker
Билатерална средба меѓу Никола Попоски и Филип Рикер во Берлин.Фотографија: DW/S. Padori-Klenke