1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Зошто македонските компании ретко делат дивиденда?

27 април 2011

Во Македонија мал број компании делат дивиденда. Зошто потенцијалниот инвеститор да купи акции за кои нема да добива дивиденда, наместо парите да ги вложи во банка за одредена камата? Експертите даваат одговор.

https://p.dw.com/p/10qU4
Фотографија: Fotolia/Maria.P.

Бројни се компаниите кои остваруваат профит, но ретки се тие што добивката им ја делат на акционерите.

„Компанијата дели дивиденда по остварен финансиски резултат. Доколку има добивка, Собранието на акционери одлучува дали добивката ќе ја распредели за дивиденда, или истата ќе оди во фондови за финансирање на идните проекти“, објаснува д-р Крсте Шајноски, професор на универзитетот Гоце Делчев.
Македонска берза
Македонска берзаФотографија: Petar Stojanovski
Оваа пракса на компаниите во Македонија ја намалува атрактивноста на компаниите кои котираат на берза. Зошто потенцијалниот инвеститор да купи акции за кои нема да добива дивиденда, наместо парите да ги вложи во банка за одредена камата, поислплатлива, а во истовреме посигурна инвестиција?
„Дали инвеститорот ќе вложи во акции или не, аспектот на дивиденда не е примарен. Севкупната инфлација не оди во прилог на штедачите, бидејќи со растот на инфлацијата каматните стапки се помали од инфлацијата.
Акциите на македонските компании се многу потценети
Акциите на македонските компании се многу потценетиФотографија: picture-alliance/dpa
Инвестирањето во акции, од друга страна, е поризично, меѓутоа на долг рок акциите на квалитетните компании можат да им донесат поголема вредност на инвеститорите“, вели Александар Манев, инвестициски советник во Илирика.
Во составот на сопственичката структура и свеста на менаџерите професорот Шајноски наоѓа објаснување зошто процентот на компании кои делат дивиденда е значително помал од европскиот. Наспроти фактот дека дивидендата не е многу практикуван инструмент, атративноста на македонскиот пазар на хартии од вредност ја зголемува еден друг факт - дека генерално акциите на македонските компании се многу потценети и дека законите на екомијата, во даден момент, ќе предизвикаат раст до нивната реална пазарна вредност.
Автор: Горан Петрески
Редактор: Жана Ацеска