1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Зошто нема Германци?

6 октомври 2004

Економските односи меѓу Германија и Србија подолго време се наоѓаат во криза, а како прва последица е забавеното инвестирање во Србија од страна на германските деловни кругови.

https://p.dw.com/p/AeQB

“Имиџот на Србија меѓу германските индустријалци е ужасен“ изјави потпретседателот на српската влада Мирољуб Лабус, по јунската посета на Германија. Таа порака не е загрижувачка само поради тоа што односот на Србија со некоја земја членка на Европската унија е лош, такви случаи има повеќе, туку првенствено затоа што мнозинството српски официјални личности токму Германија ја сметаат за клучен стратегиски пратнер. Еден од главните проблеми што ги оптоварува економските односи меѓу двете земји е процесот на приватизацијата во Србија. Потенцијалните германски инвеститори посебно се чувствителни на тоа прашање. Контроверзите во случајот на приватизацијата на најголемата српска челичана “Сартид“ нема да имаат само економски, туку и политички последици за Србија. Клучното прашање во приватизацијата на “Сартид“ која во март минатата година и беше продадена на американската компанија ЈУЕС Стил за 23 милиони долари е на кој начин се маргинализирани старите, посебно германските доверители. Тие сега пред меѓународните судови ги бараат своите права и пари: милијарда и 700 милиони долари.

Ако Србија го загуби овој спор, кој би бил најголемиот губитник? Економистот Милан Прокопљевиќ вели:

“Кој ќе плати? Секако, српските даночни обврзници“.

Изјавата на германскиот амбасдор во Белград, Курт Леобергер дополнително ја потврдува важноста на случајот “Сартид“. Тој вели:

“Страхувам дека случајот “Сартид“ и натаму ќе ја спречува економската соработка“.

Мирослав Прокопљевиќ додава дека е многу необично што во Србија најбројни се австриските инвеститори, а потоа американските, а дека германски, кои се најбројни во цела Источна Европа, има многу малку. Причините за тоа ги гледа во следниов факт:

“Во германските деловни кругови постои проценка дека ова не е некое нормализирано подрачје за вложување“.

Во Србија има само 32 германски компании. Економските аналитичари тврдат дека таа бројка сепак е поголема, бидејќи зад некои австриски комапнии во Србија што ги има 130, се наоѓаат германски инвеститори. Тие фирми се најмногу застапени во машиноградбата, електро-техниката и во преработувачката индустрија.

Постои правило според кое секој сериозен германски инвеститор на листата од 42 прашања прво прашува за политичката стабилност, а Србија посебно на тој план се смета за нестабилно подрачје. Таа и натаму е земја што повеќе отвора прашања, отколку што одговара на нив.

Срѓан Богосавлевиќ од агенцијата “Стратеџик Маркетинг“ вели дека во Србија постои политичка елита кој нема став околу начинот за решавање на најголемите проблеми, додавајќи:“Ние живееме во најслабо дефинирана држава во светот“.

Токму поради тоа, политичките претставници во Германија како приоритетни одделија четири прашања: прво, транзиционите процеси, второ, односот кон Хашкиот трибунал, трето, решавањето на пробелмите на Косово и четврто, стабилноста на државната заедница Србија и Црна Гора.

Сепак, и покрај сите проблеми, официјален Берлин е свесен за фактот дека неговата помош на Белград му е потребна.

“Германија досега упати во Србија повеќе од 260 милиони евра донации, а за 2004 година таа помош изнесува 85 милиони евра“, соопшти за време на последната посета на Белград Ерих Штатер, државен секетар во германското министерство за соработка и развој. Германија не е најважен партнер за Србија само кога станува збор за поволни кредити или донации, туку и во стоковната размена. Во тоа подрачје Германија веќе 120 години е клучен партнер за Србија.

“Само во првите 4 месеци од годинава, во Србија од Германија е увезена стока од преку 430 милиони долари“, вели Драган Вукмировиќ, директор на републичкиот завод за статистика.

Покрај овие економски показатели, добрите односи со Германија за Србија се многу важни и поради фактот што во таа земја моментално живеат и работат повеќе од половина милион нејзини граѓани. Во српските политички и економски кругови се верува дека токму вложувањето капитал од тие луѓе во српската економија во голема мера би можело да го заживее производството и да го подобри стандардот на граѓаните и, од друга страна, да ги унапреди и да ги зацврсти односите со Германија. Меѓутоа, податокот дека од тие половина милион само неколку стотици гласаа на јунските претседателски избори во Србија, јасно зборува за нивната заинтересираност за состојбите во државата чии државјани се тие.

И покрај тоа што еден дел од српската влада е подготвен односите со Берлин што побргу да се унапредат, видлив напредок нема. Засега се видливи само последиците, за кои министерот за надворешни работи Вук Драшковиќ вели:

“Србија и Црна Гора во соработката со Германија заостанува дури и на културен план“.