1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

220609 Protestmüdigkeit Weltwirtschaftskrise

28 јуни 2009

Зошто германските граѓани не излегуваат почесто на протести? Зарем ним не им е преку глава од финансиската и економската криза, од одлевањето на огромни средства од буџетот за спас на банките, наместо за образованието?

https://p.dw.com/p/IbXL
Каде се демонстрантите? Протест на 1.000 работници на фабриката на Ербас во ЛаупхајмФотографија: AP

Кон крајот на март организацијата за борба против глобализацијата АТАК и синдикатите повикаа на масовен штрајк против последиците од финансиската криза под мотото: „Ние не плаќаме за вашата криза!“ На улиците во главниот град излегоа околу 200.000 демонстранти, кои гласно протестираа против грабежливиот облик на капитализам, којшто моментално владее во земјата. И толку! Од најавените гласни критики и социјални немири - ни трага, ни глас. За народно востание, со какво што се закануваше шефот на Здружението на германските синдикати Михаел Зомер, воопшто да не зборуваме.

Послушните Германци

Зошто е тоа така? Зошто не се бунтуваат и Германците, како соседните Французи, кои со месеци јавно го изразуваат гневот кон одлично платените топ-менаџери на големите банки и концерни? Има една потсмешлива досетка на водачот на Октомвриската револуција, Владимир Илиќ Ленин, кој во една пригода изјавил дека доколку Германците би тргнале да прават револуција, при заземањето на некоја железничка станица сигурно прво ќе си купат карта за излегување на перон, како што тоа беше обичај на времето. Вистина е дека германскиот народ никогаш не покажувал наклонетост кон диви востанија. Напротив, за него е повеќе карактеристична дисциплираноста, послушноста, работливоста.

Еве што велат Германците за непокажувањето на социјалниот револт во актуелната финансиска криза:

Protestkundegebung der globaliosierungskritischen ATTAC Bewegung
Протести против глобализацијата: 500 приврзаници на АТАК во ФранкфуртФотографија: AP

„Мислам дека денес сме сите по малку резигнирани, бидејќи сметаме дека гласниот бунт нема да донесе ништо. Исто така има и голем број такви, кои се плашат за нивните работни места, коишто се’ уште ги имаат. Не знам точно, но сметам дека станува збор за еден вид резигнација“ - вели една 62-годишна жена.

„Моето чувство е дека кризата уште не дошла во секојдневието на луѓето, тие уште не ја чувствуваат на своја кожа. За тоа придонесува и фактот што актуелната власт се труди да го намали товарот врз граѓаните поради претстојните парламентарни избори на есен. Мислам дека големиот крах ќе дојде до година“ - оценува 28-годишен студент по економија.

„Кај нас владее поинаква култура на протест, отколку во Франција. Таму луѓето многу полесно излегуваат на улица, отколку кај нас. Овде луѓето се помирни и прво се придржуваат кон правилата, а во Франција многу побрзо излегуваат на протести. Тоа се виде и во Француската револуција во 18 век...“ - смета овој 25-годишен студент во медицина.

Делегирана одговорност

Такви се мислењата на просечните граѓани, наспроти честото спомнување на финансиската и економската криза и тешките последици од нив во германските медиуми. Додека во Франција има веќе и киднапирања на менаџери, во Германија владее мртва тишина и мачно исчекување на следните лоши вести за банкрот на некое големо претпријатие со многу вработени. Станува збор за традиција на страв и кукавичлук, смета Борис Лохајде, портпарол на организацијата за борба против глобализацијата АТАК: „Французите имаат поинаков став кон протестирањето на улица и исто така сосема поинаков однос кон политиката воопшто. Во Германија владее менталитет на делегирање на одговорноста. На пример, ’јас сум член на синдикатите, тие нека сторат нешто’; или ’член сум во партија, таа нека преземе нешто’; или ’јас си плаќам данок, нека стори државата нешто’. Така си мислат луѓето. Тоа меѓутоа очигледно не функционира така! Нешто мора секој од нас да преземе“ - нагласува Борис Лохајде.

Frankreich Wahlausgang Protest
Французите лесно ги полнат булеварите со демонстрантиФотографија: AP

„Добра традиција“

Ваквата традиција на потиснување на народниот гнев постои уште од времињата на кралството. И граѓанската револуција во Германија дојде дури во 1848 година, подоцна од околните европски нации, и згора на тоа имаше само делумен успех. Не смее да се заборави и фактот дека Германија уште е под силен впечаток од стравотиите на нацистичката диктатура. Многумина се плашат дека социјалниот гнев на забревтaната маса граѓани на улица може да се претвори во нехуман колективен фанатизам. И поради тоа Германците ги одбегнуваат колку што е можно сите манифестации на колективна свест. Така на место свест за припадноста на некоја класа во општеството и природната солидарност со другите нејзини припадници, во Германија владее менталитетот на разединети борци. Секој се грижи за себе и си е одговорен за сопствената неволја! Во тој менталитет спаѓа и тоа да не се зборува така отворено за проблемите што ги имаат луѓето. Тешко оди и признавањето на грешките, како пред самиот себе, така и пред другите.

Einkaufen am Kurfürstendamm Berlin
Високиот стандард го поддржува менталитетот на издвоени единки: улица со продавници во БерлинФотографија: picture-alliance/ tagesspiegel

Тоа ги прави Германците беспомошни кога се јавуваат проблеми. Европските соседи веќе со потсмев зборуваат за „германски страв“, за тоа типично германско чувство на закоченост и беспомошност во однос на надворешните околности. Таквиот менталитет доби нов поттик со паѓањето на куминистичкиот систем во Источна Германија: „Во последните 20, па дури и речиси 30 години луѓето во Германија беа подложени на силно убедување дека политичкиот и економскиот систем што сега го имаме е незаменлив, дека за него нема алтернатива. Кога доволно долго ќе им раскажувате на луѓето такво нешто, тогаш тие почнуваат да веруваат. А кога ќе стекнат уште и чувство дека нивните индивидуални напори ионака не носат никакви промени, тогаш престануваат и да се ангажираат. Тоа уште и можам некако да го разберам“ - објаснува Борис Лохајде од организацијата АТАК.

Протести не се очекуваат

Дното на актуалната финансиска и економска криза во Германија уште не е поминато. Сепак, масовни протести против последиците од кризата што сите ги засега не се очекуваат во сегашното германско општество, во кое царува индивидуалниот егоизам - велат експертите за општествени трендови. Интересно е што поновата германска историја со повторното обединување пред 20 години покажува колкава е моќта на уличните демонстрации, дури и кога изгледаат наивно. При тоа важен фактор е масовното учество: „Тоа најмногу ме чуди: видовме во Источна Германија во 1989 година дека тоа функционира. Во рок од само неколку месеци може да се урне целиот општествен систем преку демонстрации. Наспроти ваквото неодамнешно позитивно и убаво искуство просечниот Германец сепак не се придвижува! Во иднина може само да биде подобро“ - се обидува да најде утеха Борис Лохајде.

Montagsdemonstration Leipzig
Архивска слика од славните „понеделнички демонстрации“ во Лајпциг, кои го урнаа источно-германскиот системФотографија: dpa

Автор: Гиза Функ / Горан Чутаноски