1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Зошто СПЦ толку чекаше со Качавенда?

Драган Максимовиќ / Александар Методијев24 април 2013

Аналитичарите сметаат дека е многу значајно што СПЦ конечно донесе одлука за прашањето на Качавенда. Синодот на СПЦ во понеделникот го прифати барањето за разрешување на владиката зворничко-тузлански Василие.

https://p.dw.com/p/18LVI
Фотографија: DW

Заради последните снимки на кои Качавенда се гледа во прегратка на младо момче, а кои според неофицијални информации Српската православна црква ги имала во свој посед веќе долго време, Синодот на СПЦ во понеделникот (22.04.) го разреши од должност Качавенда. Социологот за религии Мирко Ѓорѓевиќ вели дека тоа е добра вест.

„Црквата конечно реагираше и го кажа својот став, бидејќи ова молчење почна да внесува голема вознемиреност и во лаичката и во црковната јавност, а да не зборуваме за медиумите“, вели Ѓорѓевиќ.

Два милиони евра за снимките

Ѓорѓевиќ вели дека во моментов е нејасно дали покрај пензионирањето црквата ги решавала и останатите проблеми кои Качавенда ги имал. Спорните снимки, според пишувањето на одредени медиуми, му биле предочени на Светиот синод на Српската православна црква уште во ноември минатата година, по што епископот Василие побарал, како што беше тогаш соопштено, да се повлече поради болест, но подоцна се премисли.

Luxus Bischofs Residenz in Bijeljina Bosnien und Herzegowina
Епископот често беше критикуван и за раскошниот живот. На фотографијата е внатрешноста на неговата резиденцијаФотографија: DW

Полицијата пред неколку дена го уапси еромонахот Николај Стаматовиќ, намесник во манастирот во етно-селото „Станшиќи“ во близина на Бјелина, затоа што се обидувал за 100.000 евра да му ја продаде на ѓаконот Бојан Јовановиќ видеоснимката на која наводно Качавенда има сексуални односи со четири момчиња. Бојан Јовановиќ тогаш на медиумите им изјави дека наводите за овој случај се вистинити.

Dusko Tomic Anwalt aus Bosnien und Herzegowina
Адвокатот Душко Томиќ вели дека Качавенда бил и политичар и полицаецФотографија: DW

„Дојде свештеник во мантија и момче со лаптоп и тие очекуваа 100.000 евра за ЦД-то. Рекоа – ако го сакате целиот лаптоп, тогаш морате да подготвите два милиона евра. Што има во лаптопот – тоа веројатно ќе пресудат луѓето кои се за тоа обучени“, изјави Јовановиќ.

Томиќ: „Постапката да се санкционира на суд“

Бојан Јовановиќ бил ѓакон на Православната црква во Бјелина кај Василие Качавенда, кого Бојан го обвинил за педофилија, по што ја напуштил црквата. Едно од клучните лица за обелоденување на аферата „Качавенда“ е адвокатот Душко Томиќ, кој со тој случај се занимава десетина години како застапник на злоставувани лица.

„Нема никаква дилема дека овој ужас и злостор на Василие Качавенда мора да биде санкциониран во судовите. Има многу луѓе кои го чекаат денот кога тој ќе замине за да проговорат, бидејќи овде во Бјелина има страховладеење на Василие Качавенда, бидејќи тој тука е и политичар и полицаец“, нагласува адвокатот Томиќ.

Во овој момент јавноста си поставува прашање – зошто црквата чекаше до сега да заземе став за тоа прашање?

„Тоа е вистинското прашање. Навистина требаше многу порано, бидејќи тие контроверзии стигнаа во печатот пред една или две години, така што црквата требаше многу порано да се огласи. Но, и ова сега е добра вест“, заклучува социологот Мирко Ѓорѓевиќ.

Serbischer Episkop in Schwulenpornoskandal verwickelt
Веќе десетина години постојат обвинувања за Качавенда дека злоставувал момчињаФотографија: Darko Zabus/Klix.ba

Синодот на СПЦ, со кој претседаваше патријархот Иринеј, го активираше барањето за пензионирање на Василие Качавенда, иако имаше можност да го смени и расчини или да го стави во понизок црковен ред, за што може да се одлучи во црковна постапка која ја води патријархот и 11 владици. Владиката бањалучки Ефрем ќе биде администратор на Епархијата зворничко-тузланска до изборот на новиот владика на Соборот на СПЦ, закажан за 21 мај.