1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Зошто страда македонскиот авиосообраќај?

5 ноември 2009

По пропаѓањето на МАТ патниците на авиокомпанијата ги презеде конкуренцијата. Сега странски авиокомпании летаат од и до Скопје. Цената на авиобилетите е висока, од нискобуџетните авиокомпании нема ниту трага.

https://p.dw.com/p/KOzq
Авион на МАТФотографија: Petr Stojanovski

Со два аеродрома во лоша инфраструктурна состојба и мал промет без сопствена авиокомпанија, Македонија не е фактор на балканската авио-мапа. Како успеа земјата во две децении независност да го упропасти овој значаен сектор? Ова прашање Дојче веле им го постави на двата спротиставени играчи во оваа дејност. Сопственикот на МАТ Златко Петровски и директорот на Агенцијата за цивилно воздухопловство Зоран Крстевски.

Меѓусебни обвинувања

„Уверен сум цврсто дека на Крстевски му одговораше пропаѓањето на МАТ и јас го посочувам него како виновник за се’ што се случува во цивилното воздухопловство. Ги нема девизните приливи зборувам за милиони евра што ги имаше порано“, обвинува сопственикот на МАТ.

Првиот човек на воздухопловните власти возвраќа. „Ние не ги видовме профитите, ние видовме само долгови. За државата нема загуби, кадровскиот потенцијал веќе се префрли во други домашни компании нема загуби ниту по тој основ. МАТ остана повеќе од 10 милиони евра должен внатре во државата“.

Дали МАТ бил монопол?

Flash-Galerie Wochenrückschau KW 41 Cockpit
Странски компании ги презедоа летовите од и до СкопјеФотографија: picture-alliance/chromorange

Во изминатите години беа најавувани нискобуџетните авиокомпании кои требаше да ја спуштат цената на авионскиот превоз. Но, додека тие бараа вистинска провокација и го утврдуваа интересот на малиот македонски пазар, надлежните сметаа дека позицијата на МАТ ја одбива конкуренцијата.

„Само во годината кога не лета таканаречениот редовен авиопревозник 27 чартер компании полетаа и слетаа за првпат во Македонија“, вели Крстевски. Петровски вели: „МАТ никогаш не бил монопол и не уживал никакви екслузивни права од државата“.

Кога беше во кондиција МАТ покриваше десетина дестинации, во последниот период од работењето само три. Упатените забележуваат дека за речиси дваесет години постоње МАТ не успеа да создаде своја флота. „Не е точно дека не успеа да создаде флота. МАТ во последниве три години во услови на економска криза успеа да купи три авиони од марката ’Бомбардиер’“, вели Петровски. Крстевски тврди: „Има спуштање на цените откако го нема МАТ.“

По згаснувањето на МАТ како домашен авиопревозник се обидува да се наметне Скајвингс. Компанија што ја раководат Македонци, со германска поддршка. Компанијата има амбиција да покрие што е можно повеќе линии. Од неодамна обезбедува диреткна авиоврска со Брисел.

Автор: Горан Петрески

Редактор: Александра Трајковска