1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Зрак надеж за Корејскиот Полуостров

1 март 2012

Задоволството во САД се држи во граници по објавувањето на мораториумот на нуклеарните активности од страна на Северна Кореја. Американските политичари и експерти се претпазливи.

https://p.dw.com/p/14CVv
Фотографија: AP

Прв скромен чекор кон целосно и контролирано нуклеарно разоружување на Северна Кореја, гласи официјалната реакција на Вашингтон за билатералниот договор според кој е предвидено Северна Кореја да го запре тестирањето на нуклеарно оружје да се откаже од тестирање на ракети со долг дострел и од збогатување на ураниум како и да им дозволи на инспекторите на Меѓународната агенција за атомска енергија да ги надгледуваат реакторите во Јонгбјон.

„Тоа не значи дека шестпартитните разговори ќе продолжат веќе утре“, објаснува Брус Клингер од фондацијата „Херитиџ“.

Продолжување на дијалогот и по смртта на Ким Јонг Ил

Тој инаку во тајната служба ЦИА долго време беше задолжен за оценување на состојбата со војската во Северна Кореја.

„Сегашниот договор во прв ред овозможува натамошни билатерални разговори меѓу Пјонгјанг и Вашингтон, за да се изработи агенда за продолжување на шестпартитните преговори“, истакнува Клингер. Овие преговори во кои покрај САД и Северна Кореја учествуваат и Русија, Кина, Јапонија и Јужна Кореја се суспендирани уште од април 2009. година , откако Пјогјанг ја напушти преговарачката маса.

Nordkorea Atomkraftwerk Yongbyon
Нуклеарната постројка ЈонгбјонФотографија: ddp/AP/APTN

Дијалогот за продолжување на преговорите беше отворен уште во минатата година за време на сега веќе поранешниот севернокорејски лидер Ким Јонг Ил. Американската влада беше по малку изненадена кога непосредно по неговата смрт во декември од Пјонгјанг дојдоа сигнали дека преговорите би можеле да продолжат веднаш.

„САД играа важна улога во разговорите а Кинезите вршеа притисок врз Пјонјанг да се врати на преговарачката маса“, вели Еванс Ривер од Институтот „Брукингс“.

Провокациите на Пјонгјанг, важен поттик за разговорите

Тој со години работеше како стручњак за Азија во Стејт департментот и има искуство во преговорите со Северна Кореја.

„САД отсекогаш тврдеа дека мора да дојде до напредок или барем до надеж во напредок за да учествуваат во преговорите. Сегашниот договор токму буди надежи , што значи дека се наоѓаме на ниво на кое бевме пред три години“, вели Ривер.

Во САД во изминатите години со се’ поголема загриженост се гледаше на ставот на Северна Кореја. „Од потопувањето на јужнокорејскиот воен брод ’Чеонан’ и артилерискиот напад врз јужнокорејскиот остров Џонгпјонг во 2010. година во САД владееше голема загриженост дека Северна Кореја би можела повторно да провоцира затоа што разговорите се прекинати“, вели Риверс. За САД тоа беше важен поттик да продолжат со преговорите.

Автор: Кристина Бергман/ Симе Недевски

Редактор: Жана Ацеска