1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Иванов во декември очекува датум за преговори

ЖА/макфакс3 септември 2012

„Очекуваме позитивен извештај за напредокот на Македонија наесен, а во декември да биде одреден датум за старт на пристапни преговори“, рече македонскиот претседател Ѓорге Иванов пред средбите со челниците на ЕУ и НАТО.

https://p.dw.com/p/162fJ
Фотографија: Petr Stojanovski

„Денеска одам во Брисел. Имаме средба со генералниот секретар на НАТО Расмусен, со претседателот на Советот, Ромпуј, со еврокомесарот за проширување Филе, со претседателот на Европскиот парламент. Тоа е вообичаена посета пред донесувањето на извештајот за кој сите очекуваме да биде позитивен, затоа што реформите даваат резултати, Европската комисија го оценува сето она што е направено. Мислам дека и овој извештај ќе биде позитивен и конечно во декември ќе добиеме она што веќе долго време го очекуваме – почеток на преговорите. Ние со Дијалогот на високо ниво влегуваме во отворањето на поглавјата, меѓутоа очекуваме Македонија да го добие она што и секоја земја преговарач – датум за почеток на преговорите“, рече Иванов.

Коментирајќи ја моменталната фаза во спорот за името со Грција, Иванов рече дека од македонска страна постојат бројни иницијативи и подготвеност за надминување на спорот за името, но Грција е страната која бара изговори за негово одложување.

„Кога генералниот секретар на ОН Бан Ки Мун и посредувачот, господинот Нимиц беа во посета, имавме прв пат, можам да кажам, содржајна средба од таков вид. На средбата со господинот Бан Ки Мун ги отворивме сите прашања, сите аспекти, сето она што ние како држава досега сме го превзеле и иницирале. Ја искажавме нашата подготвеност да се дојде до решение, меѓутоа од другата страна има изговор тоа да се одлага, еднаш се тоа избори, друг пат е економска криза, потоа е неподготвеност. Тоа го увиде и го искажа на прес-конференција господинот Бан Ки Мун“, изјави Иванов.