1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Иванов: Избори ќе има, ако така реши Парламентот

ЖА/миа28 август 2012

Македонскиот Претседател изјави дека во демократија е вообичаено коалициските партнери да имаат различни гледишта, за што треба да се најде решение преку дијалог. Предвремени избори се можни, ако така решат пратениците.

https://p.dw.com/p/15y2O
Фотографија: MIA

Коментирајќи ги последните случувања во владината коалиција, македонскиот претседател Иванов денеска рече:

„Во услови на демократија секогаш се можни вакви состојби и по 21-годишно искуство во демократијата треба да бидеме подготвени дека секојпат се можни различни активности. Така што и ова е вообичаено и веројатно ќе се најде решение. Владините коалициски партнери ќе најдат во сето ова и некоја поука и ќе најдат и тоа како треба да се однесуваат сите одговорно во интерес на граѓаните на Република Македонија“, истакна Иванов.

Одговарајќи на новинарско прашање во врска со предвремени парламентарни избори, претседателот Иванов додаде дека пропишано е како се носи одлука за нови избори, така што ако мнозинството во Парламентот ја донесе таа одлука, таа ќе се почитува.

Иванов истакна дека се покренати сите процедурални активности и се очекува против лицата кои учествувале во настанот во Слупчане да бидe преземена одговорност, бидејќи е строго пропишано кој може и кога да носи униформа.

Ова денеска го истакна претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов одговарајќи на новинарско прашање по завршувањето на литургијата во манастирот Успение на Пресвета Богородица на Матка.

Тој рече дека дал налог да се спроведе истрага и оти Генералштабот од спроведената истрага констатирал дека Армијата нема никаков удел во настанот во Слупчане.

„Станува збор за лица од Министерството за одбрана, односно од кабинетот на министерот кои ја злоупотребиле армиската униформа и довеле до заблуда дека Армијата присуствува на тој чин“, посочи Иванов.

Ако станува збор за прекршување на одредби, појасни претседателот Иванов, Генералштабот на АРМ ќе предложи во Министерството да се преземе одговорност за тие лица.