1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Иванов и Прванов го означија стартот на визната либерализација

19 декември 2009

Претседателите на Македонија и на Бугарија, заеднички со симболично кревање на рампата на граничниот премин Деве Баир- Ѓуешево го означија почетокот на новата ера на слободното патување.

https://p.dw.com/p/L8tf
Претседателите на Македонија и БугаријаФотографија: AP

Двајцата претседатели утрината на граничниот премин Деве Баир- Ѓуешево го поздравија укинувањето на визите и изразија надеж дека тоа ќе придонесе за уште поблиски врски меѓу двете држави и двата народа, како и за поинтензивни контакти и соработка во поширокиот регион.

„Конечно со паѓањето шенгенскиот ѕид се уриваат бариерите, а симболично се уриваат и менталните рампи што постоеа меѓу нас. Треба едноставо во тој европски дух да ја гледаме иднината и нашиот регион,“ изјави претседателот Иванов.

Можност за полесна комуникација и нови пријателства

Иванов му се заблагодари на Прванов што дојде заеднички да прослават една голема придобивка за македонските граѓани.

Gorge Ivanov und Georgi Prvanov
Иванов и ПрвановФотографија: AP

„Ние сме многу благодарни што Бугарија до последниот ден на влез во ЕУ немаше воведено визи за македонските граѓани. И овој визен период траеше многу кратко во односите меѓу Македонија и Бугарија. Да се надеваме дека сега со визната либерализација луѓето повеќе и полесно ќе комуницираат, и ќе започнат да се воспоставуваат многу пријателства меѓу нашите двете држави, меѓу нашите два народа,“ рече Иванов.

Таа позитивна енергија, како што порача, треба да биде пример и за другите држави кои ги имале проблемите наследени од минатото, да ги отвораат границите, да се создава отворен простор, да се живее европски и во регионот да се воспостави нов амбиент. „Личните контакти меѓу нас претседателите се основа и за односите меѓу граѓаните на државите“, додаде Иванов.

Претседателите катализатор за приближување меѓу двете држави

Бугарскиот претседател Прванов искажа задоволство што тој и неговиот македонски колега се првите кои можат да ја поздрават визната либерализација. Се сеќавам на радосните моменти пред десет години кога паднаа визите за бугарските граѓани, рече Прванов.

Со укинувањето на визите, според него, се отвора можност македонските граѓани почесто да се гледаат со своите роднини или пријатели во Бугарија, а бизнисмените, спортистите, културните работници да патуваат и комуницираат слободно. „Сигурен сум дека ние како претседатели ќе бидеме катализатор во приближувањето меѓу двете држави, за да можеме да градиме вистински европски односи“, изјави Прванов.

Бугарија како членка на ЕУ иако не е дел од шенген-системот, ги применува неговите правила. Македонските државјани од денеска можат без визи да влегуваат во Бугарија, но само ако поседуваат биометриски пасоши. Оние со стари патни исправи и натаму ќе мора да вадат визи.

Автор: СН/АТ/миа

Редактор: Александра Трајковска