1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Иванов: Не прифаќаме примена на сила и уцени

6 февруари 2010

Безбедноста во Европа е незамислива без стабилна Југоисточна Европа, оцени македонскиот претседател Ѓорѓе Иванов во обраќањето на Минхенската конференција за безбедноста. Иванов се осврна и на спорот со Грција.

https://p.dw.com/p/Luaw
Ризиците во ЈИЕ не смеат да се потценат - Ѓорѓе ИвановФотографија: Petr Stojanovski

Македонскиот претседател Ѓорѓе Иванов на почетокот од своето обраќање во Минхен најпрвин се осврна на состојбите во балканскиот регион. „Сложеноста на состојбите во Босна и Херцеговина, неединството во рамките на меѓународната заедница, во ЕУ и НАТО, состојбите во Косово, носат ризици, кои не смеат да се потценат“, истакна Иванов:

„Рецептот е многу едноставен, брз прием на целиот регион во евроатлантските структури, политички одлуки со визија, со долготрајна корист. Само ако сите земји се движат напред, можеме да сметаме на одржлива, трајна стабилност и безбедност“, оцени Иванов, додавајќи.

„Подолга статус кво состојба во регионот, носи ризици, политички, но и безбедносни. Сите се свесни колку е тешко да се санираат последиците од безбедносните кризи.“

Добрососедски односи - најважна одредница во македонската надворешна политика

Nikola Gruevski und Jorgos Papandreou
Добрососедските односи клучни - Груевски и ПапандреуФотографија: MIA

Понатаму, македонскиот претседател Ѓорѓе Иванов зборуваше за улогата на Македонија во меѓународната безбедност. „Битно ни е нашата стабилност, нашиот модел, да не бидат загрозени од заканите кои доаѓаат и се продуцираат од кризни региони“, подвлече Иванов. „Ние ги ставаме на располагање нашите мировници, за одбрана на вредностите на слободата и демократијата, но и безбедноста, на Европа, и пошироко. Денешните глобални закани бараат глобален одговор.“

Зборувајќи за надворешната политика, претседателот Иванов се осврна и на меѓусоседските односи на Балканот, истакнувајќи дека негувањето и градењето на добрите односи со соседите претставува најзначајна одредница на македонската надворешна политика. Меѓутоа, градењето добрососедски односи бара заемно залагање и ангажирање на засегнатите страни, оцени Иванов, насочувајќи го вниманието на спорот за името со Грција.

Грција ја доведува во заблуда меѓународната јавност

Symbolbild EU Fortschrittsbericht Türkei Kroatien Mazedonien
Иванов побара брз прием на земјите од Западен Балкан во ЕУФотографија: AP Graphics/DW

„Спорот со името целосно неоправдано, дури и апсурдно, нашиот сосед го претставуваше како безбедносен проблем. Тие, и тогаш, и денес, ја доведуваа во заблуда меѓународната јавност. Зошто Грција се осмели да прекрши меѓународен договор, Времената спогодба од 1995 година и не дозволи Република Македонија да влезе во НАТО со привремената референца која се користи во ОН? Тоа ќе беше најголемата гаранција на Грција дека Македонија не е безбедносна закана кон ниту еден сосед“, истакна Иванов, додавајќи дека во напорите за решавањето на овој спор Македонија направила конкретни чекори, кои не би ги направила ниту една друга држава.

Иванов наведе дека очекува конкретни чекори и од грчката страна, кои ќе ја потврдат нивната посветеност на Агендата 2014, според која сите земји од Југоисточна Европа треба да станат членки на ЕУ до 2014 година. „Но, не прифаќаме да се рушат индивидуалните човекови права со присила и уцена. Не прифаќаме да се уриваат востановените принципи на меѓународното право, не само заради нас, туку и за опасниот домино ефект кој може да го предизвика еден непринципиелен преседан“, истакна македонскиот претседател Ѓорѓе Иванов во обраќањето на Безбедносната конференција во Минхен.

Автор: Т.Т./С.Н./миа

Редактор: Симе Недевски