1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Иванов од НАТО бара прием на Македонија

18 февруари 2012

Македонскиот претседател Ѓорге Иванов во пресрет на Самитот на НАТО во Чикаго од шефовите на државите членки на Алијансата побара поддршка за членство на Македонија како можност да биде исправена неправдата од Букурешт.

https://p.dw.com/p/145Ks
Фотографија: Petr Stojanovski

„Очекуваме членките да постигнат консензус за ефектуирање на одложената покана за Република Македонија за членство во НАТО под привремената референца од ОН. Ние имаме право на тоа, и нашите граѓани со право тоа го очекуваат, а веќе во Чикаго може да биде исправена неправдата од Букурешт“, вели Иванов во писмото кое денеска го испрати до шефовите на државите членки на НАТО.

Тој нагласува дека писмото го пишува по неодамнешниот нов развој на настаните во случајот со членството на Република Македонија во НАТО, односно по пресудата на Меѓународниот суд на правдата од 5 декември 2011-та година.

Mazedonien NATO Mazedonische Fahne und NATO Fahne
Фотографија: DW/Petr Stojanowski

„Меѓународниот суд на правдата пресуди дека Грција, противејќи се на зачленувањето на Република Македонија во НАТО на Самитот во Букурешт во 2008-ма година под привремениот начин на обраќање утврден од Обединетите нации, ги прекрши обврските преземени со Времената спогодба од 1995-та година. И покрај единствената констатација на сите земји-членки дека Република Македонија ги исполнува сите критериуми за членство, сепак, поради противењето на Грција беше донесен заклучокот во Букурешт, во формата која е позната. Имајќи предвид дека пресудата е обврзувачка, Грција треба да се воздржи од натамошно блокирање на евроатлантската интеграција на Република Македонија. Натамошни чекори од страна на Грција да го блокира нашето членство условено со едно билатерално прашање, со решавање на прашањето околу името како предуслов за членство во НАТО, ќе значи непочитување на пресудата на Меѓународниот суд на правдата и повторно прекршување на Времената спогодба и на меѓународното право. Очекуваме одговорен пристап од нашиот сосед“, посочува во писмото Иванов.

Грчките тврдења дека Република Македонија ја прекршила Времената спогодба и дека не преговарала во добра волја, како што вели Иванов, Меѓународниот суд на правдата ги отфрли како неосновани и најде дека Република Македонија никогаш не го прекршила принципот на добрососедски односи со Грција.

Македонија останува посветена на решавање на спорот

Иванов истакнува дека Република Македонија останува силно посветена на изнаоѓање заемно прифатливо решение за разликата околу името.

„Ве уверувам дека, како и досега, ќе продолжиме, со добра волја и конструктивно, да учествуваме во разговорите кои се одвиваат под покровителство на ОН“, додава тој.

Македонскиот претседател посочува дека пресудата нуди нова, правна димензија и бара нов пристап од сите земји-членки на НАТО.

„Во светло на пресудата, очекуваме земјите-членки на НАТО да ги преиспитаат нивните позиции во однос на членството на Македонија во НАТО, односно, очекуваме во Чикаго да биде преиспитан заклучокот од Букурешт“, вели Иванов.

Македонија носи дел од товарот во Авганистан

Во писмото до шефовите на државите членки на НАТО, Иванов нагласува дека Република Македонија и натаму продолжува да придонесува во мисијата ИСАФ во Авганистан како еден од најголемите контрибутори по глава на жител, споделувајќи ја визијата за слободен и демократски свет, но и ризикот, рамо до рамо со мировниците од земјите-членки.

„Имајќи предвид дека Република Македонија континуирано ја одржува компатибилноста со НАТО стандардите, верувам дека заклучокот на Самитот во Чикаго ќе ја има предвид оваа, но и новонастаната состојба со пресудата“, вели шефот на македонската држава.

Според него, поддршка за членството на Македонија во НАТО ќе придонесе во создавањето позитивна клима и поместување на состојбата на статус кво и ќе го охрабри грчкото лидерство да ја почитува пресудата на Меѓународниот суд на правдата.

Тој изразува верба дека сите ќе имаат бенефит од членството на Република Македонија во НАТО.

Neues aus Mazedonien 2011
Фотографија: DW

„НАТО како организација ќе ја прошири и зајакне зоната на безбедност, стабилност и демократија во Југоисточна Европа. Ќе ја охрабри, не само Република Македонија, туку сите земји од нашиот регион да продолжат по патот на реформите. Но, пред сe, бенефит ќе има Грција со тоа што, на својата северна граница ќе добие уште една земја-членка на НАТО. Членството во НАТО секогаш давало поволни услови за надминување на билатералните разлики меѓу земјите-членки. Ќе биде многу полесно за Република Македонија и за Грција, како меѓузависни НАТО партнери и сојузници, да дојдат до заемно прифатливо решение за разликата“, вели Иванов.

Поддршката, истакнува македонскиот претседател, ќе биде многу ценета и ќе придонесе за унапредувањето на мирот и стабилноста во нашиот регион.

Автор: ЖА/БГ/миа

Редактор: Борис Георгиевски