1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Иванов победник на претседателските избори во Македонија

6 април 2009

Ѓорге Иванов ќе биде новиот претседател на Македонија. Според првичните збирни резултати што ги објави ДИК Иванов има речиси двојна предност пред неговиот ривал, Љубомир Фрчкоски. Според ДИК исполнет е и цензусот.

https://p.dw.com/p/HQsc
Ѓорге Иванов, идниот претседател на МакедонијаФотографија: AP

По пребројувањето на повеќе од 90 отсто од гласовите, Државната изборна комисија на Македонија објави дека претседателскиот кандидат на коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, Ѓорге Иванов, однесе убедлива победа на вториот круг од изборите за шеф на државата, што се одржаа на 05.04.2009 година. Неговиот противкандидат Љубомир Фрчкоски од опозициската партија СДСМ освои речиси двојно помалку гласови. Одзивот на граѓаните, според ДИК, е повисок од 40 проценти. Со тоа е исполнет условот предвиден со уставот, за да биде избран нов претседател на државата, во вториот изборен круг на гласање да излезат најмалку 40 проценти од вкупното избирачко тело, кое брои 1.792.082 граѓани со право на глас.

Пред Македонија стојат големи предизвици

Претседателскиот кандидат на ВМРО-ДПМНЕ, Ѓорге Иванов, во своето обраќање им се заблагодари на граѓаните на Македонија, кои му ја дадоа довербата и одговорноста за „европска Македонија, Македонија без Шенген-визи, Македонија членка на НАТО.“ Иванов истакна дека претстојат големи предизвици, во прв ред да се најде решение за спорот со името со Република Грција. Идниот претседател на Македонија меѓу приоритетите ја вброи евроалтанските интеграција на земјата.

Nikola Gruevski - Mazedonischer Ministerpräsident - Wahlkampf.jpg
Премиерот Никола ГруевскиФотографија: dpa

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ и премиер на Македонија, Никола Груевски, рече дека по втор пат за само 14 дена Македонија победи, демонстрирајќи капацитет, волја и способност за организирање мирни, фер и демократски избори. Тој истакна дека поддршката што ја доби неговата партија треба да се искористи за да се унапреди меѓуетничкиот соживот во Македонија. Премиерот, зборувајќи за економските предизвици, уште еднаш нагласи дека 2009 година ќе биде тешка година, но, вети дека владата ќе се бори со сите сили да се надмине економската криза.

На локланите избори според премиерот Груевски, коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ освои 55 општини и Скопје.

Фрчкоски го призна поразот

Ljubomir Frckoski
Претседателскиот кандидат Љубомир ФрчкоскиФотографија: Ljubomir Frckoski

Поразениот претседателски кандидат Љубомир Фрчкоски во меѓувреме го призна изборниот пораз и му ја честита победата на кандидатот на владејачката партија, Ѓорге Иванов. Фрчкоски им заблагодари на граѓаните на Македонија за мирните и слободни избори и потоа додаде: „Господ нека и е на помош на Македонија“. Лидерот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Зоран Заев, оцени дека вториот круг од претседателските и локалните избори во Македонија бил мирен и без насилство, но подвлече дека не бил фер и демократски и оти имало неправилности. Тој исто така им ја честита победата на ВМРО -ДПМНЕ и нејзиниот претседателски кандидат Иванов и истакна дека СДСМ ја прифаќа волјата на мнозинството на граѓаните во Република Македонија.

Проценки на МОСТ

Граѓанската асоцијација МОСТ објави дека одзивот на гласачите на вториот круг од претседателските избори изнезува 43,13 насто, со можна грешка од ±4,37 проценти. Според податоците на организацијата, од граѓаните што излегле на гласање 63,2 проценти го дале својот глас за кандиатот Ѓорге Иванов, додека 36,8 насто гласале за Љубомир Фрчкоски.

Одзвиот на гласачите за градоначалник на Скопје, соопшти МОСТ, изнесувал 43,07 насто со можна грешка од ±1 насто. Според истиот извор, од излезените гласачи 62,11 проценти гласале за кандидатот на ВМРО- ДПМНЕ, Коце Трајановски, а 37,89 проценти за опозициониот кандидат Тито Петковски од НСДП.

Автор: Александра Трајковска / МИА / Макфакс

Редактор: Зоран Јордановски

Почитувани корисници простете поради лошиот технички квалитет на аудио-записите.