1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Игри и игрички околу Јужен тек

Немања Рујевиќ / Елизабета М. Фиданоска13 декември 2013

Европската комисија смета дека договорите на Русија со неколкуте европски земји за изградба на гасоводот Јужен тек не се во согласност со бриселските правила. Но досега се одобрувани исклучоци, потсетуваат експертите.

https://p.dw.com/p/1AYnY
Фотографија: dapd

Коренот на недоразбирањата околу Јужен тек е едноставен - ЕУ не сака Газпром да ја има во свои раце и погачата и ножот, па да отсекува како ќе му текне. Според законите на ЕУ, едно правно лице не може истовремено да биде и сопственик на гасовод и единствен испорачувач којшто ги одредува цените. Одговорот на Русија не звучи помалку логично - она што ние го плаќаме и градиме е наше и само наше, па таму ќе спроведуваме гас и ќе заработуваме. Ако треба да се прогнозира исходот од новата енергетска кавга на линија Брисел-Москва, најреално делува опцијата дека некако ќе се договорат, можеби дури веќе во јануари, кога преговарачите на ЕУ, во име на државите каде минува Јужен тек, треба со Русите да утврдат како да биде „и волкот сит и овците на број“. Зашто модерен гасовод е во интерес на сите, освен на Украина, се разбира, зашто таа тогаш би ја загубила ексклузивната позиција на најголем транзитен пат за рускиот гас.

Автопат и потстанари

„Гасоводот мора да функционира како автопат - секој може да го користи ако плати патарина“, вели за ДВ Марлен Холцнер, портпарол на еврокомесарот за енергија. „Во договорите кои Газпром ги има со одделни држави такво нешто не е предвидено, туку цели капацитети се задржани само за оваа руска фирма.“ Проблемот е и што Газпром би можел сосема еднострано да ги одредува цената на гасот и неговиот транзит, објаснува Антонио Хуртадо, директор на Институтот за енергија на Техничкиот универзитет во Дрезден. „За конкурентноста и муштериите е лошо кога една фирма поседува цел синџир за производство и доставување на еден производ. Оттука, Газпром не би требало да управува со гасоводот којшто го гради“, вели овој експерт за Дојче веле.

Flash-Galerie Russland Putin Selbstdarstellung Gazprom
Сочи 2011: Путин со претставниците на Газпром, на италијанскиот концерн ЕНИ, на германски Винтершал и на францускиот ЕДФ по договорот за изградба на Јужен текФотографија: AP

Има и поинакви мислења. „Ако во Берлин изградите куќа, ќе дозволите ли една третина од куќата да ја користи некој друг?“, се прашува Јелица Путниковиќ, уредник на „Балкан магазин“. Таа потсетува дека во случајот на Северен тек Европската унија направила исклучок, а слично се најавува и за Трансјадранскиот гасовод. „Нема причина да не биде направен исклучок и во случајот на Јужен тек, со тоа што Газпром нема да биде приморан да го отвори гасоводот за други понудувачи на гас“, вели таа за ДВ. Путниковиќ оценува дека одлуката на ЕК да ги доведува во прашање договорите на Газпорм и одделните земји е мотивирана од политички причини и дека по Украина ова е нова рунда во евроазиската борба меѓу Москва и Брисел.

Во тоа е уверен и австрискиот професор Герхард Мангот, кој потезите на ЕУ околу Јужен тек ги нарекува нелогични и задоцнети. „Зошто реагираат дури сега? Апсурдно е објаснувањето дека ЕУ дури неодамна добила увид во меѓудржавните договори со Русија“, вели стручњакот од Унивезитетот Инсбрук во разговор за ДВ. Тој нагласува дека не станува збор за дополнителни количества гас кои би ја направиле Европа целосно зависна од руски енергенси. „Станува збор за алтернативен, помодерен гасовод, кој нема да има пречки во функционирањето. Знаеме во каква жална состојба е украинскиот гасовод. Затоа, од аспект на енергетската безбедност на Европа, оваа одлука на ЕК нема никаков смисол“, додава Мангот.

Бриселски адути

Потпишувајќи договори со Газпром државите на ЕУ знаеја дека тоа и не е баш според европското право, но се надеваа дека Брисел ќе попушти во својот крут став пред „нормативната сила на фактите“ - дека Јужен тек им е од полза на многу земји на Европа, вели Мангот. Меѓутоа, Брисел засега не попушта, иако е подготвен на разговори. За да не се дојде до казни за државите кои склучиле договори, може да се постапи на два начина: „Првата опција е да има независно раководство на гасоводот, кое одредува кој ќе спроведе колкави количества гас и колку ќе чини транзитот. Во тој случај Газпром би останал сопственик на мрежата, но не би имал влијание врз секојдневната деловна политика. Порадикално решение е Газпром воопшто да не биде сопственик на Јужен тек или со него воопшто да не спроведува свој гас“, набројува Марлен Холцнер.

Антонио Хуртадо верува дека Русија во секој случај ќе се согласи на нови преговори, со оглед на тоа што Брисел има начин да спречи спроведување вакви договори. „Се разбира дека би била штета да се запрат работите, зашто тоа би предизвикало значителни финансиски загуби“, вели тој. Неговиот колега од Инсбрук, Мангот, оценува дека за Газпром не се атрактивни решенијата коишто ги нуди Брисел - ако не биде монополист над сопствениот гасовод, Газпром секако ќе загуби дел од колачот. „Русија може да испрати официјално барање да биде направен исклучок од европските правила во случајот на Јужен поток. Но Москва не сака на тој начин да се подреди на бриселските закони и да стане апсолутно зависна од добрата волја во Европската комисија“, објаснува Мангот. Брисел в раце има уште еден адут - за финансирање на Јужен тек (вкупно околу 16 милиајрди евра) на Газпром му се неопходни кредити, а банките стануваат многу скржави кога не се разјаснети правните основи на работите, потсетуваат експертите.

Gasprom Schriftzug in St. Petersburg
Фотографија: picture alliance/R. Goldmann

Тема за дебата е и дали ЕУ со кочењето на Јужен тек (без оглед дали е тоа правна или политичка одлука) всушност го фаворизира Трансјадранскиот гасовод кој би транспортирал гас од Каспискиот регион? Марлен Холцнер од ЕК признава дека тој гасовод е приоритет, затоа што „овозможува пристап до нови извори на енергенси“, но демантира дека поради тоа се кочи Јужен тек. Јелица Путниковиќ потсетува дека Трансјадранскиот гасовод на Европа би и‘ носел само десет милијарди кубни метри гас годишно (преостанатите 6 милијарди би останувале во Турција) и дека Азарбејџан повеќе од тоа и не може да испорача.