1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Иднината на Португалија е неизвесна

13 февруари 2012

Ситуацијата во Португалја е нејасна: министерот за финансии е оптимист, економистите предвидуваат отпишување на долговите, а инвеститорите се воздржани.

https://p.dw.com/p/141rS
Фотографија: picture-alliance/dpa

Проценките за иднината на Португалија се многу различни, секој има свое видување - и секое видување има оправдание.

Со оглед на состојбата на финансиските пазари, министерот за финансии на Португалија Витор Гаспар се труди да го подобри угледот на својата земја. Презадолежноста, слабиот стопански пораст и ниската продуктивност, вели тој, ја доведоа земјата под европскиот „чадор за спас“. Повеќе од една деценија постојано растат макроекономската нерамнотежа и структурната слабост“, изјави Гаспар и со отвореноста агитира за доверба.

На вистински пат

Со помош од 78 милијарди евра од пакетот на ЕУ и ММФ (Меѓународниот монетарен фонд), како и со придружната програма за економско приспособување, земјата тргнала, според Гаспар, „на вистинскиот пат“. Програмата пред се’ бара поттикнување на стопанскиот пораст и на пазарот на работна сила, но и обезбедувањето на јавните финансии и обнова на конкурентноста во меѓународни рамки се исто така дел од мерките.

Реформите неопходни за да се реализира ова за португалското население значат кревање на даноците при истовремено намалување на платите. Луѓето мораа да прифатат и засеци во социјалата. Во земјата расте незадоволството.

Vitor Gaspar
Министерот за финансии Витор ГаспарФотографија: AP

Независно од тоа, Гаспар смета на широка социјална кохезија и се изјасни во полза на пакетот за спас. Со заштитата од каприците на пазарот, што ја нуди пакетот, било добиено е драгоцено време. „Во тоа време Португалија може повторно да ја придобие неопходната доверба, за во текот на 2013 година да може повторно да си се финансира преку пазарот на капитал“, рече Гаспар.

Спроведувањето на програмата покажува позитивни ефекти

Тројката на ЕУ, ЕЦБ (Европската централна банка) и ММФ позитивно го оцени развојот во Португалија: со програмата за економско приспособување земјата успеа да оствари мал стопански пораст.

Portugal Generalstreik Demonstranten mit Masken von Angela Merkel und Passos Coelho
Штрајкови во ПортугалијаФотографија: picture-alliance/dpa

Дипломираниот економист Улрих Ратфелдер, аналитичар за ризици на земјите во покраинската банка Хесен-Тирингија (Хелаба), верува дека Потугалија со програмата ќе излезе од кризата: „Португалците и во 1984 година апсолвираа една програма на ММФ. Тоа не беше пријатно време за земјата, но потоа дури остварија и буџетски суфицит“. Но, тој не верува дека Португалија веќе во наредната година ќе може самата да се финансира преку пазарите на капитал: „Од денеше агол на гледање прерано е“.

И на Португалија ќе треба да и’ се отпишат долговите

Прогнозите на Институтот за светското стопанство на универзитетот во германскиот град Кил во однос на Португалија се помрачни. Економистите Давид Бенкек и Хенинг Клот креираа барометар на долговите од кој произлегува дека ситуацијата на Португалија не е толку катастрофална, колку грчката, па сепак ни таа не ќе може да излезе на крај без отпишување на долговите. „Отпишувањето е помалото зло, кога една држава оди во насока кон нерегулиран банкрот“, вели Бенкек.

Portugal Krise Finanzkrise Euro EU Symbolbild Rettungsschirm
Според проценките на експертите и на Португалија ќе треба да и’ се отпишат долговиФотографија: picture alliance/APA/picturedesk.com

Ако банкротира Грција, ќе падне и Португалија и други земји, според принципот на домино-ефект. Овде се поаѓа од тоа дека причините за проблемите се идентични. Но, Клаус Шрадер и Клаус-Фридрих Лаазер од Институтот во Кил, правејќи споредба меѓу Грција, Португалија и Шпанија, велат дека не е така: „Мострата и историјата на кризите се премногу различни, како и потенцијалот на земјите за решение на проблемот“. Тие бараат брзо и решително постапување на Португалија за отстранување на слабостите што ја доведоа во криза.

И економистот Улрих Ратфелдер полага врз брза консолидација: „Во Португалија има способни претпријатија во автомобилската индустрија, во секторот на лиферанти, како и мали, ефективни претпријатија во ИТ-секторот, така што индустриската база не е толку лоша“. Тој смета дека е важно да се постигнат подобрувања севкупно во стопанството и со тоа да се генерира доверба - и кај вложувачите на капитал.

Автор: Беатрикс Бојтнер/ Зоран Јордановски

Редактор: Александра Трајковска