1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Изборен шок за германските социјалдемократи

8 јуни 2009

Излезеноста на гласачите изнесуваше 43 проценти, што е на ниво на изборите од пред пет години. Големите партии ЦДУ и СПД постигнаа најслаби резултати во својата историја, додека вистински победник се либералите.

https://p.dw.com/p/I5FH
Фотографија: AP

Шокантна вџашеност кај социјалдемократите, еуфорично славење кај либералите, задоволство кај христијанските демократи, зелените и партиите на левите, олеснување кај Христијанско социјалната унија... Во ваква атмосфера завршија изборите за Европскиот парламент во Германија, каде со излезеност од 43 проценти и дадениот глас се манифестираше намалена доверба во големите, а зголемени симпатии кон помалите партии.

Социјалдемократите губитници

Со освоените 20,9 проценти од гласовите и ист број мандати во Европскиот парламент како и до сега - 23, социјалдемократите се најголемиот губитник. Разочарувањето е дотолку поголемо, ако се има предвид дека овие европски избори се сметаа за тест за парламентарните, до кои остануваат само стотина дена. Шефот на СПД Франц Минтеферинг изрази надеж дека до септември партијата подобро ќе се мобилизира, а кандидатот за канцелар Франк Валтер Штајнмајер со коментар:

Europawahl 2009 Silvana Koch-Mehrin und Guido Westerwelle
Одушевување кај либералитеФотографија: dpa

„Разочаран сум од изборниот резултат. Нема што да се расправа за него. Подруго очекував и посакував. Последниве денови и недели патувавме, водевме ангажирана изборна кампања. Очигледно не успеавме да ги доведеме нашите гласачи на изборните места“.

Пробив на либералите

Најголем „скок” без сомнение постигнаа либералите - од 6,1 процент во 2004, се изборија за 10,9 отсто од гласови кои им донесоа 12 европски мандати, за што партискиот претседател Гидо Вестервеле самоуверено најави:

BdT Europawahl 2009 Steinmeier Berlin
Франк Валтер Штајнмајер не е задоволенФотографија: AP

„Кога за европските избори освоивме двоцифрен процент, а последниот пат само 6, тогаш е јасно дека и за парламентарните избори може да обезбедиме солиден двоцифрен резултат за граѓанското мнозинство на Германија“.

И ЦДУ на ниско ниво

И покрај 42-та мандата, голем победник и оддалеку не се ниту партиите на Унијата кои де-факто во Европскиот парламент ќе имаат седум места помалку од претходниот легислативен период. Иако Христијанско демократската унија освои 30,9 отсто од гласовите, со 7,2 проценти од сестринската ЦСУ, на контото брои 38,2 проценти, што е досега воопшто втор најнизок резултат. Сепак, генералниот секретар на ЦДУ Роналд Пофала со коментар:

„Луѓето и во кризни времиња имаат доверба во Ангела Меркел и ЦДУ. Ваквиот резултат од европските е добра основа за парламентарните избори. Ја постигнавме нашата изборна цел: Унијата е со голема предност, најсилна политичка сила во Германија”.

Но, тоа немаше да биде доколку дисциплинираната Баварија не и‘ ја даде довербата на Христијанско социјалната унија, за што првиот човек Хорст Зехофер задоволен подвлече дека ЦСУ е повторно тука и дека е среќен што е вратена довербата на избирачите.

„Позелена” Европа

Со освоените 13 мандати за Европскиот парламент се задоволни и во Партијата на зелените, која остана стабилна и трета политичка сила, за што шефицата на партијата Клаудија Рот истакна:

„Ова не е само добар резултат за Германија, туку и за Европа. Ова значи дека и Европа ќе биде ’позелена’, фракцијата ќе биде посилна, со еден посилен еколошки елемент во политиката на Европа”.

И за претставниците на партиите на левите деветте мандати се сметаат за успех, поради што и челникот Лотар Биски амбициозно најави дека сега силите ќе бидат насочени кон создавање на една посилна пратеничка група и во наредниот состав на Бундестагот.

Автор: Силвера Падори

Редактор: Жана Ацеска