1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Изборите во Египет почнуваат во април

АТ/ ртр/афп22 февруари 2013

Во четири етапи во рок од повеќе од три месеци во Египет ќе се избира новиот парламент. Претседателот Мохамед Мурси за тоа издаде декрет. Дали изборите ќе стават крај на кризата во земјата, засега е неизвесно.

https://p.dw.com/p/17jmn
Фотографија: picture-alliance/dpa

Гласањето во Египет би требало да почне на 27. април и да се одвива во четири рунди се’ до јуни. Новиот парламент би требало да се конституира на 6. јули. Причина за невообичаено долгото траење на изборите е тоа што властите немаат доволно персонал за надгледување на избирачките места.

Првите парламентарни избори, по падот на автократскиот претседател Хосни Мубарак исто така се одвиваа од ноември 2011 до јануари 2012 година. Тогаш Мулсиманското братство заедно со ултраконзервативните салафисти беа најсилната политичка опција. Тие освоија околу 70 проценти од гласовите. Претседателот Мохамед Мурси доаѓа од редовите на Муслиманското братство.

Минатото лето Врховниот суд на Египет го распушти парламентот поради прекршување на изборните правила. Претставници на партии се кандидирале за мандати, кои биле резервирани за независни пратеници, смета судот. Оттогаш единственото функционално парламентарно тело е Горниот дом, каде исто така доминираат Муслиманското братство и салафистите.

Пратениците на Горниот дом дури вчера (21.02.2013) го ослободија патот за парламентарните ибори, со тоа што коригираа пет члена во изборниот закон на барање на Уставниот суд. Со тоа меѓу другото и се зголемува бројот на места во парламентот од 498 на 546, за да се овозможи фер застапеност за сите делови на земјата.

Дали изборите ќе може да ја решат внатре-политичката криза во Египет е неизвесно. Опозициониот Национален фронт за спас последно се закани со бојкот на изборите. Тие бараат предвремени претседателски избори и преодна влада на национално единство.

Изминатите недели ситуацијата во Египет дополнително се заостри. По повод двегодишнината од бунтот против Мубарак илјадници Египќани во повеќе градови излегоа на улиците, за да протестираат против Мурси и пред се’ влијанието на Муслиманското братство врз политката на владата. Овие протести беа насилни и однесоа околу 60 жртви.