1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Изборите во Саар и жалоста во Русија – тема на германскиот печат

6 септември 2004

На Кавказот се погребани првите жртви од заложничката драма. Низ Беслан минуваат пповорки на жалост. Германските весници денеска ги анализираат политичките последици од теророт во Русија. Но, прво поглед врз коментарите по победата на ЦДУ на покраинските избори во покраината Саар:

https://p.dw.com/p/AcLR
Печат
ПечатФотографија: dpa zb

Весникот ”Велт” пишува:

”Канцеларот може да го држи курсот како што сака, ЦДУ го прави тоа исто така. Таа ита од победа во победа. Се разбира, тоа се должи на протестите поради Харц, кои на оние што му пружаат отпор на канцеларот им обезбедува место во книгите по историја, а на неговата партија и носи еден пораз по друг. СПД од покраината Саар не искористи ниту самоизбрана дистанца кон Берлин, ниту непресметлив анти-кандидат. Но, би било премногу едноставно кога вината за поразот би му се префрлила замо на Оскар Лафонтен. Или, пак, на врвниот кандидат Хајко Масс, кој наивно веруваше дека екс шефот на СПД ќе му ги пренесе гласовите на разочараните од канцеларот."

”Франкфуртер Рундшау” анализира:

”Луѓето бегаат од СПД и се распрснуваат во сите насоки – кон зелените, кон либералите, кон спротивставување...Дури и прагот на одвратност кој ги држи настрана пристојните граѓани од кругот на НПД, опасно е намален. Лош предзнак за покраинските избори на исток кои треба да се одржат за две недели. Изборите во покраината Саар донесоа еден губитник – СПД. Но, радоста на победниците е засенета од навестувањето дека можеби слават горчлива победа, зашто секој глас за десницата даден од протест, очајност или несигурност, значи намалување на политичката култура.”

Во ”Берлинер Цајтунг” може да се прочита:

”Сопцијалдемократите повторно доживеаја политичко лизгање. Тоа и се предвидуваше, но кога загубите од двоцифрени проценти ќе станат стварност, како во покраината Саар, тогаш се расклопува сопствената сила. Сега името на Хајко Маас се поврзува со фијаско, под неговото политичко раководство долги години социјалдемократската Саар, се претвора во регион со СПД – антипатија. Тоа во голема мерка има врска со политиката на сојузно ниво. Лутината на граѓаните поради доцна почнатата и често недозволиво лошо водената реформска политика на канцеларот Герхард Шредер ги свртеа луѓето на Саар против социјалдемократите. Но, Хајко Маас треба и себеси да си го припише поразот.”

Коментаторот на ”Нојен Дојчланд” го упатува погледот кон Русија:

”Беслан е доказ не само за тероризмот кој во меѓувреме се рашири насекаде, туку е симбол и на неуспехот на политиката на тврда рака на Путин. Колку и да паѓа тешко, со оглед на стотиците жртви, без враќањето на масата за преговори и политички концепт за регионот, како и економска обнова и со тоа давањето животна перспектива за Чеченците, ќе има нови Беслани.”

”Ханделсблат” на истата тема пишува:

”Со грабнувачи и исламистички фанатици не може да се преговара, но Путин би можел барем да се обиде на своја страна да го добие мнозинството Чеченци. Досега не им дал ниту слобода да изгласаат претседател на Републиката по свој избор. Мнозинството Чеченци, притоа, воопшто веќе нема интерес за натамошни насилнички судири со Русија. Но, туторството од страна на Москва наидува на исто отфрлање како претходно. Со фарсата околу фалсификувањето избори, Путин стана заложник на сопствената политика. Тој во Чеченија останува упатен на лојалистите на Кремљ, кои во никој случај немаат потпора кај народот.

”Дрезднер Нојестен Нахрихтен” фрла слика врз последиците од драмата врз Германија:

”Речиси две третини од граѓаните на Германија, според една анкета, стравуваат од напади и на домашно тло. Оттука, можно е сојузната република од позадина за бригадите на теророт, да стане нивна цел. Овдешните тајни служби имаат причина за будност. Истовремено, политиката би била добро советувана кога би ги проширила правните можности за борба против опасноста. А, нормалниот граѓанин? Тој треба опуштено да им излезе во пресрет на ризиците. Цел на се побескрупулозните банди убијци е токму ширењето страв. Ако светот сака да му се спротивстави на теророт, не смее да дозволи да биде уништен од страв.”