1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Изборите не беа смел чекор кон нов почеток на блискоисточниот мировен процес

Петер Филип29 март 2006

Планот на Олмерт за одвојување од Палестинците и еднострано утврдување на границата одвај да може да има и најминимални изгледи за успех

https://p.dw.com/p/Ae2c
Ехуд Олмерт
Ехуд ОлмертФотографија: AP

Учеството на изборите, кое падна на историски најниско ниво и покрај сите апели до избирачите последните денови спроти гласањето, докажува подобро од секакво академско истражување дека Израелците ја загубија довербата во политиката. Пред се‘ довербата дека политичарите уште се во состојба да ги решат големите проблеми на земјата.

Се чини дека никој не гледа вистинско решение за главниот проблем: Израелците и Палестинците се денес меѓусебно пооддалечени отколку во последните години и со оглед на тоа дека сега во Рамалах и Газа владее исламистичкиот „Хамас“, за догледно време веројатно исчезнува и последната надеж оти сепак би била можно некое ново приближување.

И, ако веќе нема приближување, тогаш - физичка делба. Концептот потекнува уште од сандакот со трикови на поранешните израелски влади, но сега би требало да биде консеквентно спроведен од победникот на изборите Олмерт: каде што денес се протега монструозниот ѕид меѓу Израел и Западниот брег, таму треба да биде идната граница. За таа цел треба да бидат напуштени израелските населби и илјадници населеници да бидат преселени на друго место. Палестинците, пак, добиваат една крпеница на која одвај да можат да организираат сопствена држава.

Националистичките Израелци, како оние од Ликуд или од партијата на руските доселеници „Нашиот дом Израел“, таа идеја стриктно ја одбиваат, но неможат да и’ спротивстават ништо поуверливо. Иако другите избирачи се сомневаат дали некое унилатерално одредено протегање на границата ќе донесе решение, сепак се согласија со тоа, оти ним не им беа понудени поинакви и подобри предлози. Според сметката на многумина избирачи, кога веќе не може да се живее во мир со Палестинците, тогаш барем да се живее на мира од нив.

Секако многу погрешна процена. Во Израел всушност одамна беше согледано она, што еднаш го кажа и самиот Ариел Шарон: Палестинците не можат да бидат трајно држени под окупација и имаат право на сопствена држава, што е подржано и со интернационален консензус.

Изборот на партијата на Олмерт „Кадима“ не беше смел чекор во насока кон нов почеток на мировниот процес, туку побргу неволна согласност за еден план, кој одвај да може да има и најминимални изгледи за успех. Олмерт мора сега да бара коалиционен партнер, кој барем половично го подржува тој план. Но, ниедна партија не е вистински целосно уверена во тоа. Недоволната доверба, како на страната на политиката, така и кај избирачите, е лош предуслов за успех на новата влада што треба да се формира. Радоста на Олмерт за изборната победа веројатно е ограничена.