1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Изборите носат страв од нови етнички поделби во Струга

Милчо Јованоски12 март 2013

ВМРО ДПМНЕ и СДСМ на локалните избори во Струга со заедничка советничка листа и кандидат за градоначалник. Албанските партии изненадени. За нив коалиција води кон нова етничка поделба и е газење на демократијата.

https://p.dw.com/p/17vIH
Фотографија: Milco Jovanoski

Она што долго се навестуваше се оствари. Пред крајот на новиот рок за поднесување советнички листи, СДСМ и ВМРО ДПМНЕ во Струга се договорија на избори да одат со заедничка советничка листа и во трката за градоначалник заедно да го поддржат доктор Владо Кочоски. Државната ја прифати предлог листата, но Општинската изборна комисија ја отфрли. Неизвесноста ја разреши Управниот суд со уважување на жалбата. Струга е подеднакво стратешки важна и за Македонците и за Албанците. Во овој град политичката клима е тотално сменета по новата територијална поделба, која доведе до промена на етничката структура на општината.

Коалицијата на македонските партии значи нова поделба?!

На досегашниот градоначалник Рамиз Мерко дел од граѓаните му ја префрлаат вината дека во двата мандата ја уназадил Струга. Мерко сега е шеф на изборниот штаб на кандидатот за градоначалник Арбен Лабеништа од ДУИ. „Пред 4 години ние стружани се поделивме на етнички блокови. Сепак, после изборите се потрудивме во локалната коалција да има и македонска партија, односно советничка група.“ Тоа го постигнавме бидејќи Струга е мултиетнички град. Сега повторно како да се оди на поделба по етнички блокови. Тоа е вознемирувачко за една Струга која тежнее да ги респектира сите етнички групи кои живеат во неа. Тоа не води кон добро“, вели Мерко.

Mazedonien Kommunalwahlen Zijadin Selja
Зијадин Села: Моето кандидирање е израз на надежта на граѓаните на Струга во промени на подоброФотографија: DW/M. Jovanoski

Кандидатот за градоначалник од ДПА Зијадин Села потенцира: „Демократијата е одраз на мнозинството. Во Струга 64 проценти од населението се Албанци. Се‘ друго е обид да се погази тоа мнозинство. Тоа не би донесло добро ни на граѓаните во Струга, ни на демократијата воопшто.“ Мерко коментира: „Најверојатно ќе ги повикаме сите албански партии вклучени во оваа изборна кампања да гласаат за една или најмногу две советнички листи. Албанскиот блок има двајца кандидати за градоначалник и 4 советнички листи.“

Осум години Струга со силни чекори одеше назад

Mazedonien Vlado Kocoski
Владо Кочоски: Мислам дека луѓето созреваат и ја сфаќаат вистината дека не треба да се делимеФотографија: VMRO DPMNE

Пратеничката Лилјана Затуроска од ВМРО ДПМНЕ вели: „Ги слушнав коментарите околу нашето коалицирање и можам со право да кажам дека се неосновани. Тоа е резултат на непринципиелната политика која последниве 8 години во Струга ја спроведуваше актуелниот градоначалник Мерко од ДУИ и тоа исклучиво врз етничка основа. Наместо да одиме со силни чекори напред, одевме со силни чекори наназад. Сите проекти и вработувања беа по етничка основа. Не знам зошто моите колеги од парламентот, сега кандидати за градоначалници, Зијадин Села и Арбен Лабеништа, кренаа прашина. Тие знаат дека нивната коалиција многу добро функционира во Кичево.“

Изборите нов тест за капацитетот на соживотот во мултиетничка Струга

Села од ДПА е оптимист и уверен во победа. „Одговорот ќе биде познат на 24 март кога граѓаните ќе се обединат, плебисцитарно ќе ја поддржат мојата кандидатура за градоначалник. Моето кандидирање е израз на надежта на граѓаните на Струга во промени на подобро, без оглед на етничка, верска и политичка припадност. Бев и сум против продолжените рокови за кандидатури изгласани во Собранието на РМ. Така се газат Уставот и законите. Ако овие избори се споредат со претходните во 2009, јасно е дека во Струга градоначалникот треба да е Албанец. ДПА беше конструктивна и во Струга владееше кандидатот на ДУИ. Во Кичево сега ние не кандидиравме личност за градоначалник , туку оставивме таму да победи ДУИ. Значи ДУИ е на потег.“

Mazedonien Kommunalwahlen DUI Struga
Просториите на изборниот шатб на ДУИ во СтругаФотографија: DW/M. Jovanoski

Шанси да го освои електоратот има и кандидатот Владо Кочоски: „ Уште кога ја прифатив кандидатурата реков дека ќе бидам градоначалник на сите луѓе во општина Струга. И пред да се случи коалицирањето меѓу ВМРО ДПМНЕ и СДСМ бев убеден дека за мене ќе гласаат граѓаните без разлика на нивната верска, етничка и политичка припадност. Мислам дека луѓето созреваат и ја сфаќаат вистината дека не треба да се делиме, туку треба да се одбере човек, градоначаник, кој ќе работи во интерес на сите.“

Тројцата кандидати за градоначалник се доктори по професија. Ќе успеаат ли утврдената дијагноза дека градот назадува да ја подобрат, ќе зависи од изборот на граѓаните. Проблемите во Струга се видливи и нотирани: развој на туризмот, средување на урбанистичкиот и комунален хаос, нови стопански инвестиции за младите да се задржат во градот. Но најважен приоритет за стружани е соживотот. Политиката често го става на тест.