1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Избори во Грузија

4 јануари 2004
https://p.dw.com/p/AcQu
Грузија денеска избира наследник на Едуард Шеварнадзе, човекот што си замина од претседателската функција пред шест недели, по демонстрациите во земјата. Изборите ги набљудуваат над 400 посматрачи на ОБСЕ. Крег Џенес, член на посматрачката мисија, оценува:

"Мислам дека е ова прв вистински тест за политичката волја на актуелната власт, за луѓето што дојдоа на власт со т.н. "револуција на розите". Ова е прв тест за нивната политичка волја да ги направат работите поинаку од нивните претходници."

Најголем фаворит на изборите е Михаил Сакашвили, некогаш најлутиот противник на Шеварнадзе, а денеска човекот за кого бившиот претседател, според сопствени наводи, исто така го даде својот глас.

Сакашвили е чиста спротивност на Шеварнадзе. Не е чудо што екс-претседателот за "Миша" вели:

"Го познавам тој човек. На претседателската функција е потребен млад и разумен човек. Негов единствен недостаток е што понекогаш му откажуваат нервите. Не може секогаш да го задржи мирот. За еден претседател е тоа многу важно. Инаку, има многу добри особености - тој е интелигентен, говори англиски и германски. Миша е надарен човек, но некои негови карактеристики и начинот на кој тие карактеристики ги покажува нанадвор се сериозен проблем."

Новиот претседател има планина од проблеми за решавање. Многу од нив, како растечката корупција, се домашен производ, но исто така низа конфликти и проблеми се засилени од страна на странски актери. Москва, исто како и Вашингтон, има интерес во Каспискиот регион. Двете земји се заинтересирани за мир и стабилност во регионот, но економските интереси им се конкурентски. Притоа, за САД станува збор за милијарди. Грузија мора да остане политички стабилна, за нафтата од каспискиот регион да може непречено да тече во насока на запад. За Москва, државите од јужен Кавказ се "блиско странство", и треба да се задржи како политичкото, така и економското влијание. Москва и во иднина тешко дека ќе крене раце од мешање во внатрешната политика во јужен Кавказ.

Задачите што идниот грузиски претседател треба да ги реши се огромни - тој треба пред се' да интегрира - внатрешно и надвор од земјата, треба да спроведува економска консолидација, да води борба против сиромаштијата и корупцијата. И, само ако во најкус можен рок постигне видливи резултати, Грузија ќе остане политички стабилна