1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Изборната трка започна

Александар Чомовски2 март 2009

Во Македонија официјално започна кампањата за претседателските и за локалните избори. Партиската пропаганда зема замав низ целата земја. ДИК и УНДП спроведуваат медиумска кампања за спречување на семејното гласање.

https://p.dw.com/p/H49m
Фотографија: DW

Во Скопје осамнаа првите билборди на кандидатите за претседател на Македонија, Љубомир Фрчкоски и Ѓорѓи Иванов, како и на кандидатот за градоначалник на македонската престолнина од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Коце Трајановски. На влезот на главниот град патниците ги дочекува „насмевката“ на Имер Селмани, пред неговиот роден крај-Сарај. Во печатените медиуми засега доминираат платените реклами на кандидатите на владејачката ВМРО-ДПМНЕ. Во весниците на албански јазик пак засега нема закупено простор за маркетиншките пораки на тројцата кандидати за шеф на државата од албанската етничка заедница-Имер Селмани, Агрон Буџаку, Мируше Хоџа. На улиците во скопската населба Аеродром денеска се делеше програмата на кандидатот за претседател на Македонија на ВМРО-ДПМНЕ, универзитетскиот професор, Ѓорѓи Иванов. „Македонија заслужува многу поголема почит и демократска одговорност“, пишува на првата страница на програмата на овој кандидат. Во делот посветен на меѓународните односи во програмата на Иванов нема ниту збор за македонско-грчкиот спор за името. Пред почетокот на кампањата Иванов најави дека 20-те дена за промоција на изборната програма ќе ги искористи за посета на сите места во Македонија и за да им се претстави на сите луѓе што избираат. „Кампањата му е посветена на народот“, порача Иванов.

Wahl in Mazedonien
Повторно иста слика: Како и пред 5 години изборните плакати ќе ги преплават македонските градовиФотографија: AP

Како да се спречи семејното гласање?

Неговиот ривал од редовите на најголемата опозициска партија СДСМ, Љубомир Фрчкоски денеска го отвори својот изборен штаб во центарот на Скопје. Тој притоа ги критикуваше противниците од ВМРО-ДПМНЕ дека водат бесрамна кампања на ветувања, додека над земјата се надвиснува сиромаштија и безбедносна криза.

Фрчкоски во неговите медиумски настапи ќе инсистира на прашањето: како да се спречи меѓународната изолација на Македонија? Шеф на изборниот штаб на Фрчкоски е неговиот стар пријател и истомисленик, Ѓунер Исмаил.

Денеска изборната кампања со собир во Дебар ќе ја започне Демократската унија за интеграција, во Битола пристигнува изборниот караван на „Нова демократија“ на Имер Селмани. СДСМ започнува во Прилеп, ВМРО-ДПМНЕ во Охрид и Демократската партија на Албанците во Гостивар.

Mazedonien Land und Leute Islam Unterricht in Tetovo
Медиумската кампања за спречување семејно гласање насочена пред се’ кон жените АлбанкиФотографија: Nikos Pilos

Од друга страна продолжува притисокот врз партиите за спречување на т.н „семејно гласање“ на изборите, пред се’ во албанската етничка заедница.

„На предвремените парламентарни избори во 2008 година, семејно и групно гласање имаше на голем број гласачки места. Државната изборна комисија поништи 192.000 гласови“, изјави денеска претседателот на ДИК, Александар Новаковски на денешната промоција на телевизискиот спот за едукација пред се’ на жените за избегнување на гласањето во нивно име.

„Семејното гласање не е традиција во Македонија туку оправдување да се продолжи со лошата изборна практика“, предупреди амбасадорката, Марија Луиза Силва Мехијас, претставник на УНДП во Македонија, кој е коорганизатор на медиумската кампања за спречување на семејното гласање.