1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Изборните програми на едноставен јазик

Доана Песлер/ Симе Недевски19 септември 2013

Изборните програми на партиите по правило се полни со сложени реченици и непознати зборови. Тие никако не се „лесно четиво“, кое секој може да го разбере. Особено лицата со тешкотии во учењето имаат проблем со нив.

https://p.dw.com/p/19kBh
Фотографија: picture-alliance/ZB

„Фискална стабилност“, ефект „Рибаунд“... Странски поими, бесконечно долги реченици кои се протегаат по цели страници, сложени странски зборови и стручни поими - тоа се карактеристиките на јазикот со кој се напишани изборните партиски програми. Можно е да се разберат само со претходно информирање и знаење. А него го немаат баш сите. Особено лицата со тешкотии при учењето тешко или дури речиси невозможно е да разберат што одредената партија нуди во својата програма и што ја разликува од другите. Меѓутоа, германскиот јазик, колку и да е тежок, сепак нуди можност да се користи така што може да го разбере секој.

Тоа го препознаа и авторите на програмите на германските политички партии. Од оваа година, освен обновените „класични“ програми, објавени се и оние „поедноставните“. Со нивна помош и лицата кои не знаат или не можат добро да читаат можат да добијат увид во политиката. „Тоа е важно за да можеме и ние да знаеме што тие сакаат“, вели Петра Грос. И таа е едно од лицата со тешкотии во учењето. Веќе со години се залага за употреба на поедноставен јазик и за тоа доби и Орден за посебни заслуги. Изборните програми на Социјалдемократската партија (СПД), Христијанско-демократската унија, Зелените и Партијата на Левицата, веќе ги прочитала. И недостасува само програмата на Слободните демократи (либералите), но и таа пристигнува деновиве.

Analphabetismus in MV
Фотографија: picture-alliance/dpa

Кристијане Фелц, од одделението „Едноставен јазик“ при хуманитарната организација АВО, неодамна на едноставен и разбирлив јазик ја „преведе“ партиската програма на СПД. Иако се смета за добро информирано лице, некои од темите морала дополнително да ги разјасни. „Кога станува збор за одделни теми моравме да се запрашаме што тие мислат под тоа“, вели Фелц. Имало и случаи кога мислела дека сѐ добро разбрала, но по разговорот со лицата од СПД испаднало дека станува збор за нешто сосема друго.

Јасни правила-едноставен јазик

„Постојат јасни правила кога станува збор за поедноставниот јазик - кратки реченици, без вметнати реченици, предвид доаѓаат само најпознати зборови. Странски зборови не се користат, а ако мора, тогаш мораат да се објаснат“, вели Гизела Холц, член на управната мрежа „Едноставен јазик“. Иако тој јазик на почетокот бил користен само за лицата со одредени тешкотии, денес, вели Холц, произлегува дека тој јазик е корисен и за многу други. „Тоа се пред сѐ странци, лица кои доаѓаат од странство, како и оние кои на училиште не научиле добро да читаат“, вели Холц. Според проценката на организацијата АВО, во Германија во моментов има околу 300.000 лица кои имаат тешкотии при учењето. Освен тоа, според истражувањето на Универзитетот во Хамбург, во Германија живеат речиси 7,5 милиони лица кои се делумно писмени, значи, кои можат да читаат или пишуваат само одредени зборови.

Поедноставно напишаните партиски програми се многу „потенки“ од оригиналот. Програмата на Христијанско-демократската унија од 128 страници е скратена на 38. Тука, кога станува збор за даночната политика, можат да се најдат реченици како овие: „Сите граѓани мораат да знаат да постапуваат со своите пари. Поради тоа мора да се знае колку данок мора да се плати. Данокот е пари. Тој мора да се даде на државата. Таа од тие пари може да плати важни работи, на пример, тие пари се даваат за училишта и за патишта. Ние сакаме данокот да остане колку што е сега. Не сакаме да се зголеми.“

Büro für leichte Sprache in Osnabrück
Фотографија: picture-alliance/dpa

СПД во својата партиска програма напишана на едноставен јазик го претставува своето гледиште за добра работна политика: „Многу луѓе во нашата земја тешко работат. Тие сакаат да обезбедат живот за себе и за своето семејство. Некои компании не им плаќаат на своите работници доволно пари. Тогаш работниците немаат доволно пари за живот. Тие се сиромашни иако работат. Затоа сакаме трудот да биде добро платен.“

Лицата со тешкотии сами ги преиспитуваат текстовите

Пред да се објават поедноставените текстови, нив прво ги читаат лица со тешкотии при учење. „Тие внимателно читаа реченица по реченица. Читаа и на глас и притоа стана видливо кои зборови се ’тешки’. Сѐ што не разбраа, го обележаа и прашаа што тоа значи“, вели Кристијане Фелц.

Па сепак, иако сите партиски програми поминаа исти контроли и исти промени, според мислењето на Петра Грос, некои од преводите биле подобри од другите. „Моја желба е партиските програми секогаш да бидат на располагање и тоа без разлика дали станува збор за парламентарни или локални избори и да не мораме посебно да ги бараме од партиите. Тоа навистина би морале да го запомнат...“