1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Извештаи за масовни гробници во Јужен Судан

БГ/афп/макфакс25 декември 2013

Состојбата во Јужен Судан драматично се влошува. ОН јавуваат за најмалку три пронајдени масовни гробници. Советот за безбедност најави испраќање на дополнителни мировни сили во земјата

https://p.dw.com/p/1Agdc
Фотографија: Camille Lepage/AFP/Getty Images

Советот за безбедност на ОН одобри испраќање на дополнителни, околу 6 илјади „сини шлемови“ во Јужен Судан, каде владините сили ги продолжија нападите врз силите на бунтовниците околу градот Бора, и покрај повиците од меѓународната заедница за ставање крај на судирите.

Советот за безбедност едногласно ја усвои резолуцијата со која е зголемен бројот на војниците во мировната мисија од 7 илјади на околу 12.500, а зголемен е и бројот на полицајци од 900 на 1.323.

Генералниот секретар на ОН, Бан Ки Мун го предупреди Советот дека распоредувањето нема да може да се изведе веднаш и дека ОН не можат да ги заштитат сите цивили во Јужен Судан.

Во таа земја веќе повеќе од една недела е во тек отворена војна меѓу симпатизерите на актуелниот претседател Салва Кир и неговиот поранешен заменик Рик Мачар. Судирите избија откако Кир го обвини Мачар за обид за државен удар. Во меѓувреме, судирот доби и етнички димензии и сега всушност војната се води меѓу припадниците на народот Нуер- кои го поддржуваат Мачар и на народот Динка- кои го поддржуваат Кир.

Flüchtlingen sudan
Бегалци во Јужен СуданФотографија: picture alliance/Photoshot

Претставници на хуманитарните организации стравуваат дека бројот на загинатите во десетдневното насилство надминал една илјада луѓе, но не располагаат со конкретни податоци.

Според последните извештаи, веќе се пронајдени три масовни гробници со тела на голем број луѓе. Во една од нив биле 75 тела кои им припаѓаат на лица од племето Динка и кои биле припадници на суданската Народно ослободителна армија и таа е пронајдена во Бенти во Јужен Судан. Останатите две се пронајдени во главниот град Џуба.

Главниот комесар за човекови права Нави Пилеј ги повикал двете страни да ги заштитат цивилите, предупредувајќи ги политичките и воените лидери дека е можно да бидат судени за воени злосторства.