1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Извештај за Дарфур во Одборот за човекови права на ОН

13 март 2007

Наспроти договорот за мир што беше склучен пред една година, во суданската покраина Дарфур не престанаа масовните злостори.

https://p.dw.com/p/Adsg
Шефот на германската дипломатија Франк Валтер Штајнмајер
Шефот на германската дипломатија Франк Валтер ШтајнмајерФотографија: AP

Локалното население е и понатаму изложено на протерувања, измачувања и силувања. Ова е оценката што вчера во Женева беше објавена на почетокот од заседанието на Одборот на ОН за човекови права. Паскал Лехлер испрати извештај за дебатата, во која улествувапе и шефот на германската дипломатија и претседавач со Советот на министрите на ЕУ, Франк Валтер Штајнмајер.

Германскиот министер за надворешни работи уште на почетокот од дебатата во Одборот за човекови права на ОН стави јасно на знаење дека ЕУ нема да попушти и ќе инсистира понатаму на осуда на злосторите што се случуваат во Дарфур:

“ЕУ ќе го насочува погледот посебно кон ситуацијата во Дарфур, каде имаме еден од најстрашните случаи на кршење на човековите права. Во такви случаи на екстремни кршења на правата должни сме им на луѓето и на меѓународната заедница да не молчиме и да не го вртиме погледот на страна!“

Во Одборот за човекови права на ОН мнозинството членки го сочинуваат муслимански земји. Тие до сега попречуваа Судан да се најде на мета на остра јавна осуда поради ситуацијата во Дарфур. Наспроти тоа, тие веќе четврт пат по ред успеваат да протуркаат остра резолуција со осуда на Израел поради конфликтот со Палестинците. Франк Валтер Штајнмајер апелираше до членките на Одборот да се откажат од пристрасното блокирање на работата на телото:

“Мораме сите да покажеме готовност за надминување на блокирањето на работата, ако сакаме да носиме одговорност кон големите очекувања на јавноста кон дејноста на овој Одбор. Не смее да се случува да не бидат осудени најтешки кршења на човековите права поради регионална или идеолошка солидарност со владата на некоја држава. Единствената солидарност што е оправдана во ова тело, тоа е онаа со каузата на човековите права!“

Во извештајот што го изготви независна истражна комисија на Одборот, на суданската влада и‘ се префрла дека е дури вмешана во злосторите во Дарфур. Комисијата на чело до Нобеловката Џоди Вилијамс сакаше да отпатува на лице место и да ја испита ситуацијата. Но, на нејзините членови не им беше дозволено да допатуваат во Судан. Затоа Вилијамс и нејзините колеги се распрашаа за ситуацијата кај бегалците од Судан во соседен Чад. Комплетниот извештај на Комисијата ќе биде објавен в четврток.