1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Извештај на МВР за вчерашните инциденти

ЖА/миа/макфакс3 март 2013

Македонското министерство за внатрешни работи денеска излезе со детален извештај за вчерашните инциденти во Скопје.

https://p.dw.com/p/17pV8
Фотографија: Petr Stojanovski

„Насилниот протест не беше пријавен во полиција, а учесниците и предизвикувачите на инцидентите се самоорганизираа преку социјалните мрежи. За време на протестот дојде до поголемо нарушување на јавниот ред и мир и беше предизвикана значителна материјална штета во централното градско подрачје и Бит Пазар. Според досега документираните сознанија, повредени се повеќе лица, меѓу кои и голем број полициски службеници, оштетени се повеќе моторни возила (од нив четири се полициски), два автобуса на ЈСП и две противпожарни возила“, се наведува во извештајот на МВР.

Хронолошки, како што е посочено, протестот започна во 12 часот кај комплексот „Чаирчанка“, по што насобраната група започна да се движи од Јајапашината џамија, преку мостот „Гоце Делчев“ кон зградата на владата. - „За цело време демострантите гласно скандираа УЧК и извикуваа разни пароли. Во моментот кога масата демостранти дојде пред владата, дел од неа се обиде да го пробие полицискиот кордон, со цел да се упати кон плоштадот, на што полицијата реагираше и ја спречи натамошната ескалација. Дел од демострантите започнаа со фрлање камења и тврди предмети и ги нападнаа полициските службеници. Со цел да не дојде до ескалација на инцидентите, Одделот за посебни единици употреби хемиско средство солзавец, по што демострантите започнаа да се повлекуваат назад кон Старата скопска чаршија, а притоа ги каменуваа Музејот на Холохаустот, Музејот на ВМРО и новоизградениот Театар“, се додава во извештајот.

Во текот на протестот се регистрирани и повеќе други инциденти и физички напади во централното градско подрачје, на подрачјето кај Бит Пазар и околните улички во кои се повредени 13 граѓани на кои им е пружена медицинска помош во болниците, а четворица од нив се здобиле со тешки телесни повреди. Во насилствата повредени се и тринаесет униформирани полициски службеници. Исто така, од страна на насилниците извршени се и оштетувања на осум приватни патнички моторни возила од кои две се превртени. Извршено е оштетување и на четири полициски возила.

Demonstration in Skopje
Фотографија: Petr Stojanovski

Извршено е каменување на два автобуса, сопственост на ЈСП на булеварот „Никола Карев“, а еден автобус бил и опожарен. Заради интервенција дошле две возила на БППЗ кои од страна на хулиганите биле оштетени, а еден пожарникар повреден, се наведува во извештајот.

Во врска со инцидентите, од МВР истакнуваат дека по полициската интервенција се приведени и задржани осум лица, а врз основа на објавените снимки во медиумите и на социјалните мрежи се работи на идентификување и на останатите насилници. По целосно документирање на делата против приведените ќе биде поднесена соодветна пријава.

Инаку, за претходниот завчерашен протест, СВР-Скопје поднесе кривична пријава до надлежното ОЈО-Скопје против 19 лица на возраст од 14 до 44 години, од кои 15 од Скопје, двајца од Битола и по еден од Штип и Прилеп, а поради основано сомнение дека сториле кривично дело „Учество во толпа што ќе изврши кривично дело“.

МВР повторно апелира граѓаните да не дозволат да бидат манипулирани и заради туѓи интереси да се инволвираат и да предизвикуваат разни инциденти. Полицијата ќе продолжи крајно неселективно, без никаква толеранција да ги санкционира оние што ќе ги прекршат законите.