1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Извештај на Стејт департментот за тероризмот

6 август 2010

Лидерите на Ал Каеда во Пакистан и нејзините ограноци во Африка и во Јемен претставуваат најголем извор на терористичка закана за САД, се наведува во годишниот извештај на Стејт дeпартментот.

https://p.dw.com/p/Odt2
Фотографија: AP GraphicsBank

Во извештајот се наведува дека Ал Каеда продолжува активно да се занимава со оперативно планирање напади врз американски и западни објекти во светот, како и дека Ал Каеда во Пакистан, Јемен и Сомалија се’ повеќе ги привлекува радикалните Американци. Во извештајот, меѓу другото, се анализира и ситуацијата во ЕУ, во Германија и Македонија.

Законодавството во Европа кочи

Терористичката активност и присуството на мрежа поддржувачи во Европа останува причина за сериозна загриженост, се вели во годишниот извештај на Стејт департментот за тероризмот во светот. Американското министерство за надворешни работи ја критикува Европа што во некои случаи напорите за сузбивање на терористичките активности биле успорени поради несоодветното законодавство, а во некои земји членки дури правосудниот систем не бил во состојба да ги осуди осомничените терористи, бидејќи информациите на тајните служби не можеле да се користат како доказен материјал.

Jemen US-Botschaft
Армијата на Јемен носи голема одговорност во борбата против Ал КаедаФотографија: AP

Германија се бори ефикасно

Што се однесува до Германија, се проценува дека во изминатите 10 години вкупно 185 лица со германско државјанство или лица со привремен престој во земјата минале низ паравоен тренинг во исламистичките центри за обука во пограничниот регион меѓу Авганистан и Пакистан. Од нив околу 90 се вратиле во Германија, а 15 од нив пак се најдоа во затвор. Германија иследи, уапси и осуди голем број лица осомничени за терористичка дејност и пресече повеќе канали на терористичките мрежи поврзани со меѓународните исламисти.

Македонија тесно соработува со САД

Извештајот на Стејт департментот ја фали и Македонија за тоа што продолжила со тесната соработка со САД на полето на размена на информации на тајните служби за потенцијални терористи во земјата или кои само транзитираат низ неа. Владата соработуваше и со партнерите во ЕУ, како и со Интерпол. Македонија на соодветен начин ги обезбеди и сопствените оружени капацитети, до кои терористите се обидуваат да дојдат. Македонската влада во 2009 обезбеди и соодветен анти-терористички тренинг за повеќе стотици војници и полицајци, а со тамошната американска амбасада успешно соработуваше и во пресекувањето на каналите за финансирање на тероризмот.

Anwar al-Awlaki
Проповедникот Анвар Ал Авлаки е роден во САД и во 2002 имигрирал во Јемен, каде игра важна улога во мрежата на Ал КаедаФотографија: dapd

Тероризмот во Грција во подем

Американскиот Стејт департмент предупредува од заживување на тероризмот во Грција. Во извештајот се наведува дека внатрешниот тероризам во Грција значително нараснал во 2009 година, по масовните демонстрации од декември 2008 година. Минатата година биле регистрирани преку 430 случаи што ја засегаат безбедноста на Грција, кои вклучуваат палења и напади со експлозиви и употреба на малокалибарски оружја и рачни гранати. Според Стејт департментот, екстремистите се‘ повеќе за цели избираат за фирми и безбедносни институции, а во нападите се употребува повеќе оружје, отколку претходно.

Автор: ГЧ/БГ/дв/Стејт департмент

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска