1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

201009 Exporte Deutschland

27 октомври 2009

Германија е зависна од странските пазари како ниту една друга земја во Европа и затоа беше тешко погодена од финансиската криза. Меѓутоа, со опоравувањето на стопанството, Германија повторно натпросечно ќе профитира.

https://p.dw.com/p/KCbK
Фотографија: AP

Од 2002 година Германија важи за светски шампион во извоз и само во 2008 година извезе стоки во вредност од скоро еден билион евра. Една четвртина од вработените во Германија работат за извоз, секое трето заработено евро доаѓа од извозните зделки. Машини, хемиски производи и автомобили се производите со кои Германија се искачи на врвот меѓу „глобалните играчи“. Притоа успешни во трговијата со светот не се само големите концерни, туку и средните претпријатија, вели професорот Вернер Абелсхаузер од универзитетот во Билефелд:

„Голем број германски средни претпријатија, да речеме со околу педесетина вработени, голем дел од парите го заработуваат во странство и тоа од многу поодамна. Најдобри сме во производство на машини, хемиски производи и електротехника, што се продаваат низ целиот свет.“

А можеше да биде и поинкау...

По Втората светска војна Германија се разви во една од најголемите извозни нации во светот. А, можеше да биде и поинаку: во 1944 година, уште додека траеше војната, американскиот министер за финансии Хенри Моргентау го креира планот за иднината на Германија. Тој предвидуваше таа да се претвори во чисто аграрна земја и да се демонтираат преостанатите индустриски постројки. Но, планот беше одбиен од американското министерство за надворешни работи и за воени прашања и, наместо него, на сила стапи планот наречен според тогашниот американски министер за надворешни работи Џорџ Маршал. Маршаловиот план придонесе не само за економскиот развој на Германија, туку и на цела Европа. Професорот Абелхаузер истакнува:

Flash-Galerie MiG Export
Индустриски машини, хемиски производи и автомобили се јаката страна на германското стопанство

„Тоа ќе беше сценарио за сиромаштија, сениште на ужасот за Германците. За среќа на почетокот на 1947 година планот на Моргентау потона во заборав, а на почетокот на 50-тите години се проби Маршаловиот план, кој беше основа за еден ден да има слободна светска трговија. На таков глобален пазар Германија беше многу конкурентна со способноста за правење машини, автомобили и хемиски производи. Затоа таа отсекогаш се сфаќа себеси како извозна нација.“

Проблемот не е во извозот, туку во суфицитот

И политичките одлуки исто така беа во полза на развојот на германскиот извоз. По војната, со договорот Бретон-Вудс, германската марка беше со фиксен курс врзана за доларот. Овој систем влијаеше марката и натаму да остане евтина, иако германските стоки беа мошне барани на светскиот пазар. Доколку менувачкиот курсот беше слободен, бараните производи ќе станеа поскапи. Згора на тоа, во педесеттите години од минатиот век хемиската индустрија, концерните за производство на челик и експлоатацијата на јаглен беа силно субвенционирани.

За време на овие таканаречени години на економско чудо, извозот се зголеми за четирипати, а со растечкиот трговски суфицит, Германија почна да ги трупа и првите девизни резерви. Но, трговскиот суфицит, што го има до ден-денешен, претставува опасност во време на економска криза, вели професорот Абелхаузер:

Symbolbild Export Hafen Euro Dollar
Германија мора да прави баланс меѓу увозот и извозотФотографија: Fotomontage DW

„Проблемот не е толку во тоа што сме извозна нација, туку повеќе што сме нација на извозен суфицит. Тоа значи дека ги искористуваме нашите трговски партнери со тоа што ние имаме суфицит, што кај нив, нормално, претставува дефицит, и тоа и` пречи на светската трговија. Под одредени околности ова води до економски кризи. Поради тоа мораме да се обидеме да го спречиме суфицитот - значи мораме повеќе да увезуваме, за да можеме да го урамнотежиме нашиoт платежен трговски биланс.“

Големиот пад на извозот ја доведе Германија во длабока рецесија. Но, она што во минатите месеци претставуваше проблем, сега може повторно да стане предност за германските фирми. Кога ќе почне повторно да расте светската побарувачка за автомобили или индустриски постројки, Германија од тоа повторно натпросечно ќе профитира.

Автор: Моника Ломилер / Трајче Тосев

Редактор:Жана Ацеска